Денеска, на затворањето на официјалниот дел од регионалниот економски форум во Скопје, беше претставено новото име и лого на Мини-Шенген. Оваа иницијатива од денеска се вика „Open Balkan“, т.е. „Отворен Балкан“.
Пред самото откривање и презентација, српскиот претседател Александар Вучиќ, албанскиот премиер Еди Рама и премиерот на Северна Македонија, Зоран Заев потпишаа три договори:
– Меморандум за разбирање за соработка за олеснување на увозот, извозот и движењето на стоки на Западен Балкан
– Меморандум за разбирање за соработка за слободен пристап на пазарот на трудот на Западен Балкан
– Договор за соработка за заштита од катастрофи на Западен Балкан
Меморандумот за разбирање за соработка за олеснување на увозот, извозот и движењето на стоки во Западен Балкан има за цел да ја зголеми и зајакне економската соработка меѓу трите земји.
Една од најважните придобивки од овој меморандум е поедноставувањето на процедурите поврзани со увоз, извоз и транзит на стоки во најголема можна мера со размена на податоци меѓу царинските и другите надлежни органи.
Со Меморандумот за разбирање за соработка во врска со слободен пристап до пазарот на трудот во Западен Балкан се изразува волјата да се олесни движењето на луѓето за да се обезбеди полесен и послободен пристап до пазарот на трудот со отстранување на работни дозволи и поедноставување на постапките за дозволите за привремен престој.
Договорот за соработка за заштита и спасување од катастрофи во Западен Балкан има за цел Република Северна Македонија, Република Србија и Република Албанија со соодветни капацитети да си помагаат едни на други во случај на катастрофи.
Регионалниот економски форум во Скопје обединува околу 350 компании од Западен Балкан, а форумот е единствена можност за деловни состаноци на бизнисмени во формат Б2Б.
Форумот е во организација на Стопанската комора на Србија, Северна Македонија и Албанија. Најголем број компании кои учествуваат на форумот се од земјоделскиот и градежниот сектор, прехранбената, текстилната и машинската и автомобилската индустрија, туризмот, телекомуникациите, ИТ секторот и транспортот, но и логистиката.