Гувернерот на Централната банка на Авганистан изјави дека државата има резерви од околу девет милијарди долари во странство, а не кеш во земјата.
Алмал Ахмади, гувернер на авганистанската Централна банка, на Твитер напиша дека најголем дел од тие средства – околу седум милијарди долари се претворени во обврзници и во злато, но стојат и како средства кај американските Федерални резерви.
Тој додаде американски долари не може да се подигнат во Авганистан, бидејќи земјата не ја прими планираната пратка на кеш, пред офанзивата на Талибанците во минатата недела, пренесува АП.
Пратката што ја чекавме, никогаш не стигна. Се чини дека нашите партнери биле известени за случувањата кои претстоеја, напиша Ахмади на Твитер.
Недостигот на американски долари, предупреди тој, веројатно ќе предизвика пад на вредноста на авганистанската валута и раст на инфлацијата, што ќе претставува директен удар врз сиромашното население во земјата. Пристапот до резервите веројатно ќе биде искомпликуван од американската влада за која талибанците се терористичка организација.
„Талибанците воено победија, но сега ќе треба и да владеат со земјата, а тоа не е лесно“, нагласи Ахмади.