Западен Балкан вистинско „ дувло“ за дрога, криминал и нелегална трговија. Европол и 27 земји спроведоа заедничка повеќедневна акција во рамките на која се уапсени 330 лица кои се товарат за инволвираност во трговија со дрога, оружје, како и со посредување при илегална миграција во југоисточна Европа, објави денеска Европската полиција.
На терен учествувале 11.000 полицајци во акцијата спроведена од 15 -18 септември. Биле пребарани 724 локации, испрашани 33.428 луѓе и извршени 22.605 проверки на возила.
Запленети биле 154 парчиња огнено оружје, 57 рачни бомби и експлозив, 2.125 парчиња муниција, 719 килограми канабис и 920 насади со марихуана.
Експерти на Европол , за време на акцијата биле во Црна Гора и Босна и Херцеговина, каде асистирале во размената на информации меѓу надлежните органи. Регионот на Западен Балкан е клучен центар за нелегална трговија со огнено оружје во Европската Унија, се вели во соопштението и се додава дека меѓународните криминални групи доаѓаат главно од Западен Балкан, каде што се широко достапни човечките ресурси со добри познавања за оружје.
Во некои случаи, криминалните групи разменуваат оружје за дрога, а исто така користат оружје за да стекнат и задржат контрола врз профитабилниот пазар на наркотици, посочуваат од Европол.
Дилерите на оружје нудат бројни и разновидни парчиња огнено оружје, старо и ново. Оружјето често се шверцува како дел од пратки со повеќе производи или се крие во возила.