Куманово и на овие избори ќе одржи лекција по социјалдемократија, по прогресивност и секако по обединување и ќе даде пример за целата држава, порача вечерва од Куманово претседателот на СДСМ Зоран Заев на средби со граѓани во населбата Гоце Делчев и Диво Насеље.
– Во овој четиригодишен период во Куманово е инвестирано над 120 милиони евра и на тој начин му се оддолживме на Куманово затоа што 11 години државата го игнорираше овој град. Сите оние проекти што ги реализиравме, реконструкција на регионалните и локалните патишта, Соколаната, Ургентниот центар, водоводите и канализациите, се тоа е еден траен белег за тоа колку централната власт води грижа за Куманово. И дефинитивно Куманово тоа го заслужува, кажа Заев.
Тој пред присутните се осврна на досега спроведените проекти во Куманово и побара поддршка за Оливер Илиевски за Куманово да биде во вистинските раце.
– Со нас знаете на што сте, со нас сте на чисто. Голема е разликата меѓу нас и ВМРО-ДПМНЕ. Ние за четири години сите плати во просек ги покачивме за 6.000 денари, ВМРО-ДПМНЕ за шест години ги покачија само за 1.700 денари. Ги покачуваме пензиите постојано, а од следната година со новата методологија на усогласувањето, пензиите ќе растат меѓу 400 и 600 денари и тоа секој први јануари и секој први јули. Покажавме дека има пари за се во државата само треба да се работи одговорно и домаќински. Успеавме и во време на пандемија да расте просечната плата и да се намалува стапката на невработеност. Вие отсекогаш сте се бореле, ве повикувам да продолжите да се борите, обединете се да го сочувате социјалдемократскиот дух на Куманово, да ги сочувате единството и сплотеноста, Борбата продолжува, за вашето и наше Куманово, да се обединиме напред да гласаме за број 12 за вистинскиот социјалдемократ Оливер Илиевски, повика Заев.
Ако владата можеше во изминатите четири години да даде 12 милиони евра за проекти околу Куманово, сега е време да издвои пари за Куманово сите ние да имаме подобри услови за живот и животна средина. Младите не сакаат да гледаат ѓубре, сакаат паркинг места, шеталиште, паркови и кеј, а во изминатите четири години ништо не е направено за Куманово, време е да работиме и населбата Гоце Делчев и градот да ги направиме пристојно место за живеење, рече Оливер Илиевски кандидат за градоначалник на СДСМ и коалицијата вечерва на мини митинг во населбата Гоце Делчев во Куманово, на средна со граѓани заедно со потпретседателот на СДСМ Зоран Заев, министерот Оливер Спасовски.
– Сите ние цела година поминавме низ секоја населба и секоја улица, ги видовме и нотиравме сите проблеми, нашата програма не ја препишавме од пред четири години туку имаме реална програма за која ви ветувам дека сите наведени проекти за четири години ќе бидат реализирани. Некој ни зборува историја, но ние сакаме иднина. Ги сакаме и почитуваме нашите историски личности и тука во населбата Гоце Делчев ќе изградиме спомен-обележје на нашиот револуционер Гоце Делчев, така се сака историјата не со демагогија. За четири години Куманово ќе има најмодерен плоштад, нов стадион, три катни гаражи, две градинки, нов кеј, паркови и најдолгата велосипедска патека, а ние ќе го направиме тоа. Ве повикувам во недела сите да излеземе масовно на изборите и да ја избереме најдобрата програма за градот и за сите граѓани на Куманово, порача Илиевски.