Одлуките на здравствените власти на Република Бугарија за самоизолација на дел од владиниот Кабинет на премиерот Кирил Петков, нема да ја променат претходно договорената рамка за посета на високата бугарска владина делегација на Скопје, соопшти денеска Министерсвото за надворешни работи (МНР).
Како што се наведува во информацијата на МНР, терминот 18 јануари, вторник, останува како утврден датум за реализација на посетата, која се очекува да соодветствува и со изборот на новата Влада во земјава.
Одлуката, како што се наведува во соопштението, е донесена по денешните консултации меѓу двете министерства за надворешни работи на Северна Македонија и Бугарија.
Прес-службата на бугарската Влада денеска информира дека Петков и шефицата на неговиот кабинет Лена Бориславова ќе бидат во самоизолација во наредните денови поради контакт со заразен од коронавирусот, па затоа неговата посета на земјава планирана за 18 јануари се одложува и наместо него бугарската владина делегација што ќе допатува во Скопје ќе ја предводи вицепремиерката Калина Константинова.