Јавното обвинителство активно постапува во сите предмети, вклучително и во предметите оформени од некогашното Јавно обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од незаконското следење на комуникациите, велат од Основното јавно обвинителство за Нова ТВ, а по интервјуто на амбасадорката на САД Кејт Мери Брнз за ТВ21, во кое таа побара што поскоро да се завршат предметите од поранешното Специјално обвинителство.
На прашање на Нова ТВ до, каде се предметите преземени од СЈО и колку од нив се завршени, а кои се во постапка, од Основното јавно обвинителство потсетуваат дека предметите, веднаш по преземањето, беа прераспоредени на надлежните јавни обвинителства во кои јавните обвинители продолжија, како што велат, со преземањето на дејствијата.
– Сепак, динамиката со која се одвива секој предмет поединечно зависи од времето неопходно да се приберат сите потребни докази и да се утврдат сите факти со цел да се донесе соодветна мериторна одлука. Исто така, таа динамика, во дел од предметите не зависи во целост од Јавното обвинителство, имајќи предвид дека за дел од предметите во тек е судска постапка за која текот на рочиштата го одредува надлежниот суд, а во дел се наредени вештачења по кои постапуваат други институции. Во дел од предметите, пак, се упатени и барања за меѓународна правна помош, кои исто така изискуваат определен временски период, велат од ОЈО за НоваТВ.
Според Обвинителството во речиси сите преземени предмети има определен напредок, што е нотирано и во последниот Извештај на Европската комисија за напредокот на земјава каде во делот за сумарните забелешки за правосудниот систем стои дека: „Предметите иницирани од поранешното СЈО продолжуваат да напредуваат, воспоставувајќи одговорност за незаконското прислушување“.
– Во контекст на изјавата која ја наведувате, Јавното обвинителство исто така се залага и исклучително посветено работи сите овие предмети што поскоро да се завршат, велат од надлежното Обвинителство.
Неодамна и Стејт департментот во својот извештај забележа дека македонските обвинители ги пробиваат законските рокови во истрагите и за тоа не сносат никаква одговорност. Тогаш само две истраги од отворените 19 на поранешното Специјално јавно обвинителство (СЈО) завршија со обвинение и за нив почна судски процес.
Станува збор за „Друмарина“ и „Моќник“, а во останатите истраги правда чекаат стотина осомничени лица.
Според Законот за кривична постапка ( чл. 301) за кривичните дела кои не се од областа на организираниот криминал истрагата може да трае најмногу до 15 месеци, додека пак за кривичните дела од областа на организираниот криминал истражната постапка може да трае најмногу до 21 месец. СЈО во периодот од 2017 до 2018 година отвори 19 истраги на СЈО
Во предметот „Актор“ каде осомничени се 11 лица истрагата почнала во март 2018 година, во „Пациент“ осомничени се 14 лица со почната истрага во октомври 2018 година, 13 лица се осомничени во „Империја“ предмет за кој истрагата е почната во ноември 2018 година.
Обвинителството за гонење организиран криминал кое презеде најголем дел од предметите на СЈО за Нова Тв објаснуваат дека во предметот „Пациент“ на почетокот беа осомничени 15 лица, но дека за едно лице во април 2020 година била запрена истрагата, па така овој предмет сега е во фаза на подготвување на обвинение против 14 лица.
Стојанка Митреска