Ролинг Стоунс летово ќе тргнат на европска турнеја, играјќи на стадиони и арени, за да ја одбележат нивната 60-годишнина како бенд, соопштија вчера британските рокери, објави Ројтерс.
Фронтменот Мик Џегер (78) и гитаристите Кит Ричардс (78) и Рони Вуд (74) ќе бидат придружувани од тапанарот Стив Џордан на турнејата, додека тапанарот на стоунсите, Чарли Вотс, кој му се придружи на бендот во 1963 година, почина минатата година на 80-годишна возраст.
Наречена „SIXTY“, турнејата од 14 концерти ќе започне во Мадрид на 1 јуни а вклучува вкупно 10 земји меѓу кои и Британија.
Бендот ќе настапи на стадионот „Енфилд“ во Ливерпул, што е нивно прво шоу во британскиот град по повеќе од 50 години, како и два концерта на лондонски Хајд Парк.
„Со нетрпение очекувам да се видиме ова лето! Џегер напиша на Твитер, покрај видеото од бендот како настапува во живо низ децениите.
Сет-листата ќе ги вклучува класиците на Стоунс, како што се „(I Can’t Get No) Satisfaction“ и „Paint It Black“ меѓу другите, како и „избор на неочекувани песни“ од нивниот огромен каталог на музика, се вели во соопштението за печатот. Турнејата ќе има и нова сценска продукција.
Стоунси, кои ја завршија северноамериканската етапа од нивната турнеја наречена „Без филтер“ во ноември, летово ќе свират и во Минхен, Амстердам, Берн, Милано, Брисел, Виена, Париз и Стокхолм, пишува Ројтерс.
(М.Т.)