„Како претседателка на Влада не можам да зборувам и коментирам за црковни прашања. Но морам да кажам и дека чувствувам голема благодарност кон Српската православна црква и неговата светост патријархот Порфириј затоа што во отворен разгоор се обидуваат да решат прашање со кое директно влијаат на поголема регионална стабилност и подобра иднина на нашите народи“, одговори премирката на Србија Ана Брнабиќ на новинарско прашање да ја коментира разочараноста во некои кругови во Македонија од најновиот развој на настаните со односите меѓу МПЦ-ОА и СПЦ.
Брнабиќ и нејзиниот домаќин, премиерот Димитар Ковачевски, заедно учествуваа на конференција во организација на форумот „Македонија 2025“ при што во своите говори се осврнаа на важноста на иницијативата Отворен Балкан. Тие одржаа и заедничка прес – конференција на која говореа за нивната средба пред почетокот на конференцијата.
„Република Северна Македонија е еден од најблиските политички и економски партнери на Србија. Тука е иницијативата Отворен Балкан за поврзување на економиите и подобрување на животниот стандард на народите од четирите земји членки“, рече Брнабиќ на прес-конференцијата.
„Србија искрено ја поддржува Северна Македонија на нејзиниот европски пат. Секогаш им кажуваме на нашите европски партнери дека е од големо значење за целиот регион да се забрза патот на Македонија и Албанија во ЕУ, затоа што тоа ќе биде добро за цел Балкан“, истакна таа.
Брнабиќ потренцираше дека само мината година меѓу двете држави имало трговска размена од 1,1 милијарди евра. „Северна Македонија ни е во првите десет важни трговски партнери. Минатата година извозот кон Северна Македонија ни изнесуваше 815 милиоми евра. Се радувам што ќе продолжи таа соработка и со новата влада на Србија. Србија ќе остане доверлив, и стабилен партнер на кој Македонија може да смета и во најтешки околности како што беше пандемијата“, изјави премиерката на Србија.
Премиерот Димитар Ковачевски подвлече дека соработката меѓу двете држави е на највисоко можно ниво и тоа не само во економијата и политиката, туку и во земјоделието, внатрешните работи и други области.
„Тука е и Отворен Балкан за слободно движење на прозиводи, услуги и капитал. Тоа е чекор напред за побрзо зачленување во ЕУ а не замена за нашето членство во Унијата. Разговаравме за одржување на третата заедничка владина седница која ќе биде по формирање на новата влада. Разговаравме за единствениот дигитален број за сите граѓани со што би се олеснило вработувањето, разговаравме и за заеднички настап за промоција на туризмот и за влегување на странски инвестиции вои регионот“, рече Ковачевски на прес-конференцијата. (С.К.)