Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски рече дека архиепископот Стефан и останатите владици во Синодот ја имаат неговата поддршка бидејќи се што прават ќе биде во насока на заштита на интересите на православните христијани и во насока на заштита на македонскиот народ.
„Ја користам оваа прилика да упатам порака до сите православни верници да се обединиме околу МПЦ-ОА. Јас сум свесен, како многу пати во минатото и вековите наназад дека ќе имаме луѓе кои ќе сакаат да направат поделба, кои ќе шират скептицизам, недоверба, свесен сум дека тие луѓе се под жестоко влијание на оние сили на кои што не им одговара македонско единство, кои не им одговара обединување околу Синодот на МПЦ. Ние мораме како народ да се обединиме овој пат, ние мораме да бидеме паметни, не смееме да дозволиме надворешни фактори да нѐ разделуваат“, рече Мицкоски.
Мицкоски вели дека „архиепископот Стефан и владиците во Синодот знаат што е најдобро за македонскиот народ и православните верници“.
„Ја користам оваа прилика и да ја поздравам и одлуката на Вселенскиот Патријарх, кога практично се тргна и шизмата, кога МПЦ-ОА влезе во канонско единство со што јасно се покажува нашата разлика од останатите балкански православни народи и јасно се става до знаење дека тоа е она кое што е вистинската патека и очекувам набргу, во периодот што следи и формално да се добие томосот и конечно да се добие автокефалност“, изјави лидерот на ВМРО-ДПМНЕ. (Р.Н.)