Лидерите на ЕУ на самитот во Брисел постигнаа договор за ембарго за увоз на руска нафта со бродови до крајот на годината, во рамки на санкциите против Русија поради нападот на Украина.
Претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, нешто пред полноќ објави дека на состанокот во Брисел е постигнат договор за забрана на увоз на руска нафта.
„Ова веднаш се однесува на повеќе од две третини од увозот на нафта од Русија, што го прекинува значителен извор на финансирање на руската воена машинерија“, напиша Шарл Мишел на Твитер.
Според „Гардијан“, пристигна првата реакција од Русија на одлуката на ЕУ да ја забрани руската нафта. Постојаниот претставник на Русија во меѓународните организации во Виена, Михаил Улјанов, се огласи на Твитер по соопштението на претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен.
„Како што вчера со право рече Фон дер Лајен, Русија ќе најде други увозници.
Важно е да се напомене дека таа сега противречи на нејзината вчерашна изјава. Многу брзата промена во начинот на размислување покажува дека ЕУ не е во добра форма“, напиша тој.