„Ние како влада предвидовме антикризни мерки за околу 73 милиони евра и веќе ги правиме сите анализи“, посочи на прес конференција заменикот на претседателот на Владата Фатмир Битиќи
Тој вели дека мерките ќе бидат донесени, но нема да бидат сеопфатни, туку ќе бидат таргетирани за најзагрозени компании и целни групи.
„Не може поскапувањата да бидат за 20 отсто за 24 часа“, вели вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи појаснувајќи дека трговците и останатите дејности во голем дел се служат со манипулации со цените и дека ќе мора да реагираат инспекциските служби.
„Со особен интерес ги следиме цените во последните три дена на слободниот пазар и има некоректно, неетичко и неморално однесување на одредени компании кон зголемувањето на цените, што ќе наиде на одговор на институциите. Не може цената да порасне за 24 часа за 20 отсто, кога производствената цена не пораснала за 20 отсто во тие 24 часа. Тоа е една одредена манипулација кон нашите граѓани и затоа соодветно ќе реагираат инспекциските служби од кои очекувам извештај“, реагира Битиќи.
Од Владата најавија нови антикризни мерки во најкус можен рок по донесувањето на ребалансот на Буџетот. Мерките, како што појаснија, ќе бидат потаргетирани и во согласност со последните препораки на меѓународните финансиски институции.
Од Министерството за финансии вчера информираа дека во ребалансот се проектирани околу 76 милиони евра за антикризни мерки, како и за субвенции за покачување на минималната плата, пари за зголемување на пензиите и дополнителни средства за субвенции за земјоделците.