Во периодот од 22 октомври до 2 ноември во македонскиот културен центар во Њујорк ќе биде поставена изложбата „More Bright Than No Light“ на реномираниот уметник Стефан Шашков. Во организација на здружението Номад-Арт Скопје, во изложбениот простор „Gallery MC“ ќе бидат поставени неговите дела кои се инспирирани од амбиенталната музика на музичари како Брајан и Роџер Ино, Роберт Фрип, Харолд Бад, Даниел Лануа, и Мајкл Брук.
Секој серијал од овие слики е инспириран од некое од изданијата на овие музичари и ја отсликуваат аморфната природа на нивната музика. Делата претставуваат игра со тоналитети, бои и пристапи. Наскоро се очекува и издание на книга каде на едно место ќе се најдат сликите од изложбата но и дела кои последователно биле инспирирани од делата на овие музичари и создадени само за ова издание.