Претседателот на Независните хрватски синдикати, Крешимир Север, изјави дека седиштето на синдикатот е преплавено со повици на граѓани кои се лути на поскапувањата поради преминувањето на еврото и дека не се работи за „заокружување“ на цените како што тврдат трговците, туку за поскапувања од 20 и повеќе проценти.
„Граѓаните се револтирани. Поскапувања навистина се случуваат насекаде. И кога ги слушам трговците кои велат дека ништо не поскапело, не знам што се случува, бидејќи граѓаните постојано го кажуваат тоа во големите и малите продавници, особено во пекарите и други услужни дејности, имаше големо поскапување, а не мало заокружување на цените. Станува збор за поскапувања од 10, 15, 20 и повеќе проценти“, потенцира Север за ХРТ.
Тој рече дека потрошувачката кошничка во евра се уште не е пресметана, бидејќи не се знае што и колку поскапела во моментов, но дека тоа е голем удар за домашниот буџет.
„Сето она што го кажавме за искуствата на другите земји, дека ќе ги покачат цените само на второто децимално место, на центот, не важи, бидејќи се случува цените да се зголемат за 50, 60 центи, дури и за евро“, рече Север.
Тој додаде дека е тешко да се каже кој е најмногу виновен – производителите, дистрибутерите или трговците, но ги повика државните органи и инспекциите да извршат контроли во продавниците и да ја утврдат оправданоста на поскапувањата.
Извор: РТС