ЕУ денеска ги оцени како „апсурдни“ казните против Светлана Тихановскаја и другите претставници на опозицијата во егзил во Белорусија.
„ЕУ ги осудува овие апсурдни казни засновани на измислени обвиненија за предавство, екстремизам, заговор и поттикнување омраза“, се вели во соопштението на високиот европски претставник за надворешна политика и безбедност Жозеп Борел.
Според него, казните се уште еден пример за тековната „пародија на правдата“ и политичка злоупотреба на правосудниот систем од страна на непризнатиот и санкциониран од ЕУ белоруски претседател Александар Лукашенко. ЕУ ќе продолжи да ги поддржува сите оние кои храбро се борат за независна и демократска држава и е подготвена да преземе акција како одговор на тековното кршење на човековите права во Белорусија, додаде Борел.
Тој рече дека вчерашните казни се обид да се попречат оние кои се залагаат за основните слободи. Борел додава дека осудените добиваат казна само затоа што ги бранат демократските права и правда, барајќи слободни и фер избори.