Специјалниот пратеник за дијалог Мирослав Лајчак денес и утре, и наредната седмица, ќе ги посети Белград и Приштина, а во втората половина на месецов ќе се состане и Европскиот совет за да разговара за напредокот во дијалогот.
Новата рунда шатл-дипломатија доаѓа само две недели по средбата на српскиот претседател Александар Вучиќ и косовскиот премиер Албин Курти во Брисел, а нејзината цел ќе биде „обликување“ на европскиот предлог за нормализација на односите. Според извори на Еуроњуз Србија, наредниот период може, со сите предизвици што ги носи, да биде и нов почеток за побрза интеграција на Србија во Европската унија.
Како што потврди портпаролот на ЕУ, Петер Стано, Лајчак ќе престојува Приштина денес и утре, додека во Белград ќе биде во понеделник и вторник на 13 и 14 март. Целта, додаде тој, е „да се разработат резултатите од последниот дијалог на високо ниво“.
„Лајчак одделно ќе се сретне со премиерот Курти и претседателот Вучиќ и нивните тимови. Ќе разговараат за модалитетите на спроведување на договорот на патот кон нормализација на односите меѓу Косово и Србија. Сето тоа ќе биде дел од подготовката за претстојниот состанок подоцна овој месец“, изјави Стано.
Да потсетиме, веќе овој месец се очекува уште една средба меѓу Вучиќ и Курти, во Охрид, кога на 18 март во Северна Македонија ќе дојде високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Жозеп Борел. Тема на оваа средба ќе биде европскиот предлог, односно планот за имплементација, а да потсетиме дека Вучиќ претходно изјави дека Србија е подготвена да работи на спроведување на многу работи од европскиот план, но и дека „не сака и не може разговараат за меѓусебното признавање и пристапување на Косово во Обединетите нации“.
Неколку западни претставници претходно посочија дека 2023 година може да биде година за постигнување конкретен договор за нормализација на односите, а зголемената дипломатска активност ги одбележа практично сите кризни ситуации меѓу Белград и Приштина во текот на изминатата година. Кога станува збор за европскиот предлог, пак, Вучиќ истакна дека тој е „поддржан“, но не и „прифатен“, и дека допрва ќе се разговара.
Извор: Еуроњуз