Руските власти притворија новинар на американскиот Wall Street Journal под обвинение за шпионажа, објави руската безбедносна агенција, пренесе Ал џезира.
Федералната служба за безбедност (ФСБ), главната агенција наследничка на КГБ, денес соопшти дека американскиот државјанин Еван Гершкович бил приведен во градот Екатеринбург на Урал додека, наводно, се обидувал да добие доверливи информации.
Безбедносната служба тврди дека Гершкович „собрал доверливи информации за активностите на едно од претпријатијата на рускиот воено-индустриски комплекс, кои претставуваат државна тајна“.
Според локалните медиуми, тој известувал за војната во Украина и за платеничката група на Вагнер.
ФСБ не соопшти кога се случило апсењето.
Гершкович може да се соочи со казна затвор до 20 години доколку биде осуден за шпионажа.
Тој е првиот американски новинар кој е уапсен под обвинение за шпионажа во Русија по Студената војна, а неговото затворање доаѓа во време на жестоки глобални тензии околу борбите во Украина.
Гершкович, кој беше акредитиран како новинар, известува за Русија и Украина како дописник на московското биро на Волстрит журнал.
Неговиот последен извештај, објавен оваа недела, се фокусираше на нарушувањето на руската економија во услови на западни санкции.
Пред да се приклучи на Волстрит журнал, Гершкович (31) работел за АФП во Москва. Тој претходно бил репортер за The Moscow Times.
Гершкович зборува руски. Неговите родители живеат во САД, но по потекло се од Русија.
Извор: Ал џезира