Министерството за надворешни работи на Украина денес испрати реакција до светот по повод видеото со обезглавувањето на украински војник.
„Армијата на Руската Федерација продолжува да врши ужасни воени злосторства во Украина“, се вели во реакцијата.
„Запрепастени сме од појавувањето на 11 април на видеото на кое се гледа како руски војници егзекутираат украински заробеник. Позирајќи пред камерата, руските џелати со посебен цинизам му го одземаат животот на човек“, реагира украинското МНР.
Се додава и дека ова не е прв случај на флагрантен нехуман третман на украински заробеници од страна на руските војници. „Илјадници случаи имаше во Буча, Ирпин, Гостомел, Бородјанка, Мариупол и други украински градови и села. Руската Федерација намерно спроведува во Украина тортура, физичко малтретирање, нехумано постапување, намерно нанесување на тешки страдања, сериозни телесни повреди и намерно убивање како на заробениот воен персонал, така и на цивили“.
Украинското МНР порачува и дека убиството на украински заробеник овековечено на видео е сериозно кршење на Женевските конвенции и е воено злосторство во согласност со одредбите на Кривичниот законик на Украина и Римскиот статут на Меѓународниот кривичен суд. Според Римскиот статут, ваквите дејствија како што се вели во реакцијата, може да бидат квалификувани и како злосторство против човештвото.
МНР на Украина ја повика канцеларијата на Обвинителот на Меѓународниот кривичен суд итно да обрне внимание на уште едно злосторство на руските војници во контекст на истражувањето на воени злосторства и злосторства против човештвото извршени од граѓани на Руската Федерација на територијата на Украина.
„Сите лица вклучени во злосторствата во Украина – како највисокото раководство на Руската Федерација, така и директните извршители – безусловно ќе бидат казнети“, се наведува во реакцијата при што ја повикуваат меѓународната заедница да преземе решителни и итни мерки за зголемување на помошта за Украина со цел да се заштитат Украинците од рускиот геноцид и да се ослободат сите нивни територии.