Иницијативата „Отворен Балкан“ во областа на културата започна во вторникот во Белград со реализација со гала концерт на Зубин Мехта на одбележување на стогодишнината од Белградската филхармонија и во присуство на министерката за култура Бисера Костадиновска Стојчевска, по што ќе следи гостување во Тирана и на 24 јуни во Скопје.
Дописникот на МИА во Белград, по тој повод направи интервју со министерката Бисера Костадиновска Стојчевска за Отворен Балкан на културно поле, за досегашна реализација и идните проектите, што тоа значи за културата, гостувањето на Националната опера и балет во Белград следната недела, задничкиот настап на трите земји на највисоко ниво преку уметноста на 13 јули во Париз.
„Ние веќе го подготвуваме првиот поголем настан каде сите три земји од Отворен Балкан ќе се претстават преку уметноста во Република Франција, во Париз, на 13 јули. Овој процес е во поодмината фаза на организација, таму ќе бидат присутни двајцата премиери и претседателот на Република Србија, ќе присуствуваме и ние, министерките за култура, што значи дека ова ќе биде настан на највисоко ниво во срцето на Франција, каде уметноста секогаш има предност пред сите други активности“, вели министерката за МИА.
Костадиновска-Стојчевска нагласува дека културната соработка во рамките на Отворен Балкан е воспоставена уште минатата година заедно со министерките за култура на Србија и Албанија со потпишувањето на меморандум за соработка.
„Културната соработка на Отворен Балкан е активна уште од минатата година. Така лани го имавме во Струмица првото издание на Егзит, а за годинава се подготвува и второ негово издание. Минатата година Националната опера и балет беше домаќин на Националната опера и балет од Белград, а наредната недела во Белград ќе гостува нашата опера и балет со „Госпиѓиците од Авињон“. Сето ова значи дека ваквата соработка не е нешто ново. Синоќа започнавме една поголема иницијатива во рамките на Отворен Балкан. Пред нецел месец Битолскиот народен театар гостуваше во Тирана и ние таквата соработка ја овозможуваме и ги финансираме таквите видови на соработка во рамки на иницијативата Отворен Балкан“, посочи министерката.
Таа додаде дека постои уште една иницијатива што ја потпишавме тука во Белград во септември минатата година, а тоа е соработка во областа на кинематографијата, за да можеме, покрај останатото да размислуваме за заеднички копродукции. Оваа соработка се уште е во фаза на структурирање и ќе следи состанок меѓу нашата Агенцијата за филм и соодветните институции од Србија и Албанија, која, треба да резултира со заеднички производ.
„Придобивките од културната размена со ова се на уште повисоко ниво, а тоа е чуството на емоција секогаш кога овие три земји од Отворен Балкан се заедно, кога заедно продуцираме, кога имаме заедничка театарска престава, кога имаме гостувања, тоа е она што на граѓаните им дава еден вид на посебно културно и духовно богаство и ни дава чуство на заедништво. Така да покрај тоа движење на културните работници, покрај таа размена на искуства и уметноста, го добиваме она чуство дека сепак сме заедно и преставуваме една заедница која мора да се движи напред“, смета министерката Костадиновска-Стојчевска.
Во рамки на ОБ веќе се реализирани повеќе проекти во рамки на слободниот проток на стоки, услуги, капитал и луѓе. Така преку Отворен Балкан Винскиот саем трите држави почна заеднички да настапуваат на големи манифестации во Европа и светот.
извор: МИА