Претседателот на Комитетот за надворешни работи во германскиот парламент (Бундестаг), Михаел Рот изјави дека Србија не може да влезе во Европската унија додека на чело на Србија е Александар Вучиќ, кој во понеделникот ја предупреди западната заедница дека мора изберат меѓу Косово и Србија.
„Претседателот Вучиќ нешто погрешно разбра. Перспективата за членство во ЕУ не важи само за Србија, туку и за сите држави од Западен Балкан, вклучувајќи го и Косово. Не постојат работи како „или Србија или Косово“.
Но, Вучиќ е во право, со него на чело нема можност Србија да влезе во ЕУ“, објави Рот на платформата „Х“ по заканите на српскиот претседател кон Косово.
Српскиот претседател во соопштение за печатот изјави дека доколку „тие“ го изберат Косово пред Србија, тогаш српската држава „ќе го почека моментот и ќе ја искористи можноста“.
Сепак, многу странски аналитичари сметаат дека надежите на западната заедница дека европската перспектива на Србија ќе го натера Вучиќ да се придржува до демократските норми во земјата и да се воздржува од постојано поткопување на соседните држави, веќе се уништени – Србија продолжува да маршира според многу поинаков ритам на тапани, од остатокот на европскиот континент.
Д. Т. / ЦИВИЛ МЕДИА