Париз: Едно лице е убиено, а двајца полицајци се тешко повредени во напад со нож за време на протест во источна Франција, соопшти локалното обвинителство.
Францускиот претседател Емануел Макрон изјави дека „без сомнение, станува збор за чин на исламистички тероризам“.
Напаѓачот нападнал полицајци во градот Милуз, извикувајќи „Алаху Акбар“, објави Националното обвинителство за борба против тероризмот – PNAT.
При нападот загинал случаен минувач кој се обидел да интервенира.
Осомничениот, кој бил уапсен, бил на списокот за терористички закани, изјави обвинителот Никола Хец. Станува збор за база на податоци создадена во 2015 година по нападите врз редакцијата на сатиричниот магазин „Шарли Ебдо“ и еврејска продавница.
Според полициски извори, осомничениот е државјанин на Алжир кој бил под судски надзор, во куќен притвор и со наредба за депортација од Франција.