Собирот на вработени во РТС побара од раководството на јавниот сервис и надлежните служби денеска итно да им се обратат и да дадат јасни насоки за работа за време на блокадата.
Доколку никој не ни се обрати во најбрз можен рок, ќе сметаме дека раководството се повлекло и не е во можност да раководи со јавниот медиумски сервис – се вели во соопштението објавено по состанокот на собирот на вработени.
Собирот на работниците бара оставка од сите уредници и новинари кои не ги почитувале законите за медиуми и Кодексот на новинарите и дозволиле во Дневник 2 и други информативни емисии да се изнесуваат невистини и навреди кон нивните колеги, студенти и други граѓани.
Друга причина за оставките е „одговорноста кон сите граѓани на Србија, поради тоа што биле изложени на невистинити и цензурирани информации, што не доликуваат на ниту еден јавен сервис“.
Бараме итна промена на уредувачкиот концепт на информативната програма и професионалното известување на РТС, во согласност со важечките закони и новинарскиот кодекс, што подразбира известување за сите актуелни настани во Србија, кои се од јавен интерес за сите граѓани – се наведува во заклучоците.
Се нагласува дека тоа се однесува на сите преноси на информативната програма и укажува дека поради досегашниот начин на известување на информативната програма, мнозинството вработени во РТС буквално станаа заложници на несовесно и неодговорно малцинство.
Се потсетува дека поради непријавувањето на студентскиот протест на 15. март, архивата на РТС беше трајно лишена од тој материјал и во иднина ќе мора да ја користи документацијата на другите телевизии.
Последното барање на собирот на вработени во РТС е „веднаш да престане практиката на испраќање новинари и техничари со скратено работно време на ризични задачи, како известување од протести и собири, бидејќи несигурноста на нивната положба апсолутно не дозволува тие да бидат злоупотребени на тој начин“.
Веќе шести ден студенти и граѓани кои ги поддржуваат продолжија да ги блокираат зградите на Радио телевизија на Србија во центарот на Белград, на улицата Таковска и на Кошутњак.