Ниту американскиот претседател Доналд Трамп, ниту рускиот претседател Владимир Путин нема денеска да присуствуваат на она што би можеле да бидат први директни мировни преговори меѓу Москва и Кијив за три години.
Путин ги предложи директни преговори за завршување на војната во Украина, но тој нема да учествува, а руската делегација ќе ја предводи советникот на Путин, Владимир Медински, а ќе бидат вклучени и заменик-министерот за надворешни работи Михаил Галужин и заменик министерот за одбрана Александар Фомин.
Трамп вчера изјави дека во Истанбул ќе отпатува само ако на преговорите присуствува Путин. Откако рускиот претседател изјави дека нема да присуствува на преговорите на состанокот ќе присуствуваат државниот секретар Марко Рубио и специјалните пратеници Стиф Виткоф и Кејтр Келог.
Од друга страна украинскиот претседател Зеленски вчера изјави дека ќе присуствува на преговорите во Истанбул, истакнувајќи дека сите одлуки во Русија ги носи Путин па затоа би требало да присуствува.
Ова е негова војна, затоа преговорите треба да бидат со него, рече Зеленски.
Тој најави дека ќе се сретне денеска и со турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган.
Во Истанбул во 2022 година беа одржани два дипломатски контакти со посредство на ОН и Турција. Првиот во март, кој најчесто се споменува во контекст на решавање на конфликтот, а вториот во јули, кога беше постигнат договорот за житото односно слободен извоз на житото од украинските пристаништа.