Двајца вработени во израелската амбасада, маж и жена, се застрелани пред Еврејскиот музеј во центарот на Вашингтон.
Полицијата го именуваше осомничениот како Елијас Родригез од Чикаго, Илиноис. Тој е приведен, јави Би-Би-Си.
Двајцата биле застрелани околу 21:05 часот по локално време додека излегувале од настан во Еврејскиот музеј.
Јарон Лишински и Сара Милграм се имињата на двојката Евреи.
Жртвите „биле во цутот на животот“, објави амбасадата на X. „Терорист ги застрела и уби додека излегуваа од настан во Еврејскиот музеј во Вашингтон“, се вели во соопштението.
Амбасадата соопштува дека нејзиниот персонал е „скршен“ од убиството.
Ниту еден збор не може да ја изрази длабочината на нашата тага и ужас поради оваа загуба. Нашите срца се со нивните семејства, а амбасадата ќе биде покрај нив во ова страшно време, се додава во објавата.
Високата претставничка на Европската унија за надворешни работи и безбедносна политика Каја Калас изјави дека е „шокирана“ од убиството на двајца вработени во израелската амбасада во Вашингтон.
Нема и не треба да има место во нашите општества за омраза, екстремизам или антисемитизам. Го изразувам моето сочувство до семејствата на жртвите и народот на Израел, напиша Калас на Х.