Претседателот на партијата Левица и пратеник во Собранието, проф. д-р Димитар Апасиев, утре ќе одржи прес-конференција пред Јавното обвинителство – Скопје, на која ќе ја соопшти кривичната пријава што ја поднесува против премиерот Христијан Мицкоски.
Повод за ваквиот чекор е, како што се наведува, директната политичка и институционална одговорност за трагедијата во дискотеката „Пулс“ во Кочани. Прес-конференцијата е најавена за 11:30 часот, а темата ќе биде официјалната поднесена кривична пријава во врска со истрагата за пожарот во дискотеката, во кој животот го загубија 62 лица, додека повеќе од 200 беа повредени.
Левица веќе подолг период ја обвинува Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ за, како што велат, прикривање на одговорноста, нефункционалност на институциите и дозволување на урбанистички криминал кој заврши со човечка катастрофа. Според нив, трагедијата е последица на „недозволени отстапки кон локални моќници и бизнис-интереси“, за што мора да има политичка и кривична одговорност.
Од Левица најавуваат дека ова е само прв чекор од поширока правна и политичка офанзива за расветлување на трагедијата и барање одговорност од сите инволвирани, вклучително и највисоките функционери.