Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, изјави дека во моментов нема конкретни информации за тоа со какви предлози Русија ќе настапи на најавените преговори што треба да се одржат во Истанбул во понеделник.
Ние не располагаме со тие информации, ниту пак ги има Турција, САД или другите наши партнери. Засега, не делува како нешто сериозно, истакна Зеленски.
Тој појасни дека за ова прашање разговарал во петокот со турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, додавајќи дека сите заинтересирани страни имаат една јасна цел – Русија да престане да се „игра“ со дипломатијата и конечно да стави крај на војната.
Сите сакаат вистински и траен мир, а Русија треба да се движи во таа насока. Тоа треба да биде и суштината на дневниот ред на средбата. Ние веќе го поднесовме нашиот предлог-дневен ред и очекуваме одлучност од американската страна кога станува збор за санкциите – како придонес кон постигнување мир, нагласи украинскиот претседател.
Зеленски додаде дека Украина, заедно со своите партнери во Европа и САД, активно се подготвува за следните дипломатски чекори.
Од украинска страна се инсистира Русија однапред да го достави својот нацрт-меморандум пред состанокот следната недела, поради загриженост дека тој може да содржи услови што се целосно неприфатливи за Кијив. Москва, сепак, одбила да го стори тоа.