Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров и американскиот државен секретар Марко Рубио денеска разговараа во Куала Лумпур за Украина и нормализацијата на функционирањето на дипломатските мисии, соопшти руското Министерство за надворешни работи.
Одржана е суштинска и искрена размена на мислења за решавање на прашањето за Украина, ситуацијата околу Иран и Сирија, како и низа други меѓународни проблеми, се вели во соопштението на руското Министерство за надворешни работи.
За време на состанокот на маргините на Регионалниот форум на Асоцијацијата на земјите од Југоисточна Азија (АСЕАН), Лавров и Рубио исто така ја истакнаа важноста од продолжување на работата за нормализирање на функционирањето на билатералните дипломатски мисии.
Нагласена е важноста од понатамошна работа за нормализирање на функционирањето на билатералните дипломатски мисии. Конструктивниот и меѓусебно почитуван дијалог меѓу надворешнополитичките ресори на Русија и Соединетите Држави за сè поголем број прашања од заеднички интерес ќе продолжи, се наведува на веб-страницата на министерството.
Се додава дека дипломатите исто така ја потврдиле заедничката посветеност за изнаоѓање мирни решенија за конфликтите и обновување на соработката, вклучително и во економската сфера.
Истовремено, Рубио изјави дека имал „важен и искрен“ разговор со Лавров, на кого му го пренел незадоволството на претседателот на САД, Доналд Трамп, што Русија не покажала повеќе „флексибилност“ по прашањето за Украина.
Потребно ни е да видиме план за понатамошно постапување за тоа како овој конфликт може да заврши, рече Рубио.