Се проценува дека најмалку 35.000 деца од окупираните територии се насилно одведени во Русија. Дел од нив, откако ќе станат полнолетни, се испраќаат на фронтот да се борат против сопствената земја.
Руските власти систематски киднапираат украински деца од окупираните територии, ги поминуваат низ процес на „превоспитување“ и, откако ќе наполнат 18 години, ги регрутираат за борба во руската армија – понекогаш дури и против сопствените семејства, објави украинската влада, повикувајќи се на документирани докази и сведоштва. Истражувањето пренесено од британскиот весник Тајмс и преведено од Слободен печат, наведува дека оваа програма се води од највисоките ешалони на руската држава и безбедносни служби.
„Целта на Путин е Украина да не постои“, изјави шефот на кабинетот на претседателот Зеленски, Андриј Јермак. „Русија сака да ја уништи новата генерација Украинци, да ги претвори во војници што ќе се борат против сопствениот народ. Тоа е ужасно.“
Кампови, кадетски училишта и бојни линии
Украинските безбедносни служби велат дека од 2014 година до денес се проценува дека најмалку 35.000 деца биле насилно одведени од источна Украина, прво од сиропиталишта и институции, а потоа и директно од нивните семејства – честопати под закана со оружје. По целосната инвазија во 2022 година, програмата станала централизирана и индустријализирана, управувана од Федералната служба за безбедност на Русија (ФСБ).
Децата се испраќаат во логори за „превоспитување“, каде што се индоктринираат и учат борбени вештини. Според Институтот за хуманитарни истражувања на Универзитетот Јеил, дел од овие деца, кога ќе наполнат 17 или 18 години, се префрлаат во кадетски училишта или воени академии, каде што добиваат обука со вистинска муниција и оружје.
„Постои само една причина зошто деца учат да ракуваат со оружје и да возат воени возила – и таа не се однесува на паради“, вели Натаниел Рејмонд, извршен директор на лабораторијата на Јеил. „Ова е индустријализирана програма на трговија со деца, можеби најголемата од Втората светска војна наваму.“
Исповед на преживеан
Влад Руденко, денес 19-годишник, сведочи за својата голгота. Бил киднапиран од руски војници во Херсон во 2022 година, кога имал само 16 години. Прво бил испратен во логор на Крим, а подоцна во воено училиште каде што секојдневно имале физички тренинг, обука за пукање и задолжително пеење на руската химна.
„На 16 и 17 години ни даваа пушки за вежбање. Постарите користеа вистинска муниција. Стравував дека ќе не пратат во битка – и тоа можеше да ми се случи ако не избегав“, вели Руденко, кого мајка му успеала да го врати назад преку линијата на фронтот.
Цинична размена: деца за заробеници
Украинскиот претседател Зеленски ја постави судбината на овие деца како црвена линија во секој мировен процес. Тој ја покрена кампањата „Вратете ги децата назад“ и најави дека враќањето на секое дете ќе биде предуслов за било каков договор со Русија.
И покрај тоа, Москва неодамна предложила размена на киднапирани деца за руски воени заробеници – што Киев категорично го одбил. „Тоа би значело претворање на децата во преговарачки чипови, во заложници“, предупредуваат украинските власти.
Меѓународна осуда и налог за апсење
Во март 2023 година, Меѓународниот кривичен суд издаде налог за апсење на рускиот претседател Владимир Путин и неговата комесарка за правата на децата, Марија Лвова-Белова. Обвинети се за незаконско депортирање на деца и кршење на Женевската конвенција.
„Се соочуваме со кампања која не само што е воено злосторство, туку и форма на културен геноцид“, вели Рејмонд. „Ако ме прашате, ова е една од најстрашните злоупотреби на деца во современата историја.“