Во јули е регистриран годишен раст од 13 проценти и на вкупните депозити и на вкупната кредитна поддршка. Народната банка денеска соопшти дека зголемувањето кај депозитите во поголем дел се должи на растот во секторот „домаќинства“, при помал раст и на депозитите на корпоративниот сектор, а кај вкупните кредити поради повисоките кредити на двата сектора, со поголем придонес на корпоративниот сектор.
Вкупните депозити на домаќинствата во јули годинава се повисоки за 1,1 процент на месечна основа. Тоа се должи на растот на депозитните пари, долгорочните депозити во денари и краткорочните депозити во странска валута, при помал раст и на останатите компоненти. Годишниот раст изнесува 13,3 проценти и како што информира централната банка е резултат на зголемените депозитни пари, долгорочните депозити во денари и во странска валута, а во помала мера и на краткорочните депозити.
Кредитите на домаќинствата, пак, минатиот месец се со месечен раст од 0,8 проценти и годишен од 10,4 проценти. Промената по двете основи се должи на зголеменото кредитирање во денари и во странска валута, со поголем придонес на кредитите во денари.
Во јули, гледано според намената на кредитите одобрени на физичките лица, кај најзастапените категории – потрошувачките и станбените кредити, е забележан месечен раст од еден процент, соодветно, при годишно зголемување од 9,8 проценти и 15,3 проценти соодветно. Овој месец, автомобилските кредити се повисоки за 1,8 проценти на месечна
основа, а на годишна основа забележаа пад од еден процент. Кредитите одобрени на кредитните картички се непроменети на месечно ниво, додека на годишно ниво оствариле пад за 7,4 проценти. Во јули, негативните салда на тековните сметки и кредитите одобрени врз други основи се намалени за 1,8 проценти и 0,7 проценти во споредба со
претходниот месец, соодветно, додека на годишна основа се пониски за 4,9 проценти и 9,2 проценти, соодветно.
Вкупните депозити на корпоративниот сектор во јули, забележале месечен раст од 0,1 процент, при раст на сите видови депозити, со исклучок на краткорочните депозити во денари. Годишниот раст од 14,5 проценти во најголем дел се должи на растот на депозитните пари и краткорочните депозити во денари. Кредитите на корпоративниот сектор во јули се зголемени на месечно и годишно ниво за 0,4 проценти и 15,9 проценти, соодветно. Притоа, месечниот и годишен раст во целост произлегува од зголемените кредити во денари, а кредитите во странска валута се намалени.