ЦИВИЛ – Центар за слобода денеска објави дека започнува заедничка јавна кампања за солидарност, во координација со Амбасадата на Украина, по јавниот апел на министерот за надворешни работи на Украина, Андриј Сибиха.
Зимата се користи како оружје. Нашиот одговор е едноставен и човечки: топлина, грижа и заедничка одговорност – од луѓе за луѓе, преку границите. Енергетската инфраструктура на Украина е под постојани и намерни напади. Струјата и греењето се уништуваат. Семејствата и децата се соочуваат со екстремни зимски услови, се вели во соопштението на организацијата.
Оваа кампања, стои во соопштението на Цивил, повикува на дејствување насочено кон хуманитарна поддршка за Украинците.
НОВА побара и доби одговори од претседателот на Цивил Џабир Дерала за мотивите, целите, шансите кампањата да вроди со плод.
НОВА: Дерала, што конкретно Ве поттикна за оваа иницијатива која, што се однесува до руската агресија врз Украина не е прва?
Дерала: Ни оддалеку не е наша прва иницијатива. Впрочем, ЦИВИЛ е една од трите европски организации основачи на Глобалната иницијатива за одбрана на демократијата во чии рамки е и програмата Вестминстерска алијанса за Украина.
Но и на локално ниво, ЦИВИЛ редовно повикува на поддршка за Украина, почнувајќи од хуманитарни акции од првите денови на целосната воена инвазија против Украина, завршувајќи со најновата акција.
Морам тука да напоменам дека оваа акција ја спроведуваме во тесна координација со Амбасадата на Украина, а на повик од Министерот за надворешни работи на Украина, Андриј Сибига. –
НОВА: Колку сте оптимисти и во ЦИВИЛ и како Џабир, колку верувате и колку посакувате компаниите и граѓаните бргу да реагираат со оглед на фактот што овие алатки во сред зима се неопходни за украинските граѓани посебно за најмалите Украинци?
Дерала: Овој мој одговор ќе биде многу краток и јасен. Поучен од минатото, убеден сум дека и оваа акција ќе биде успешна.
НОВА: Колку во просек чини единка генератор за разни просторни примени?
Дерала: Не сум запознат со цените на големо, но од тоа што го знам, еден агрегатор чини од 500 евра па нагоре. Во истражувањето, заклучивме дека во земјава не е развиен пазарот на енергетски станици, но агрегатори има и тоа во големи количини.
НОВА: Како би се дистрибуирале до Украина и во кои градови или места, има ли ЦИВИЛ веќе маркирано приоритетни локации?
Дерала: Украинската држава е добро организирана. Имав можност во тоа и лично да се уверам во моите две посети во 2023 година. Конкретно, за нашата земја има и посебно лице назначено за прибирање на помошта.
Еве го линкот: https://civil.today/warmthforukraine-how-to-join-the-solidarity-campaign/
И дозволете на крајот да упатам апел до сите хумани луѓе да помогнат. Секоја и најмала помош е драгоцена и ќе спаси човечки живот. Децата се најтрагична жртва на студот. Секој денар може да значи спас на едно дете.
И НОВА тв.мк ги повикува државата, компаниите и граѓаните да се вклучат во хуманитарната кампања и во хуманитарната акција на ЦИВИЛ.
ЦИВИЛ, успех!




