Зоран Иванов
Во принцип воопшто, но и од личен новинарски принцип, не сакам да напаѓам медиуми, па и новинари, колку нивните медиумски продукти и да се некоректни, непринципиелни, па и вулгарни.
И со содржини лажни. Па дури и да се тие видливо нагласени редакциски конструкции и очигледни нарачки од партиски штабови.
Секако, ја разбирам опозицијата од вџашеноста на едно такво, јас го нарекувам „сатанистичко новинарство“.
Но и политичките субјекти треба да знаат дека кога им реагираш на таквата некоректност, топката е секогаш кај медиумот.
Тие ја имаат можноста и кондицијата катадневно да се занимаваат со тебе, а ти не си во можност постојана да дежураш за да им да возвраќаш, за да ги демаскираш, да ги демантираш нивните пакости и тоа е картата на која играат корумпираните уредници медиумски сатанисти.
Таквите, би рекол, лаборатории на медиумски конструкции, на лажни вести и на клеветнички наративи во служба на политиката, се анти новинарство и за таквите професионални автори на лаги и клевети, местото не им е во новинарството.
Но лекот е кај сопствениците, а тие пак, си имаат свои лукративни политички или некакви други, веројатно бизнис интереси, да го масакрираат политичкиот противник на нивниот партиски налогодавец.
Тоа што треба да го загрижува професионалното, етичкото новинарство, е фактот што во македонскиот медиумски и новинарски простор има една друга „не појава“ – инертноста на новинарските здруженија.
Загрижува молкот на СЕММ, глуматењето на ЗНМ и ССНМ „дека не се од овде“, маската на очи и ушните тампони, на АВМУ, на сите на купче, дека не ги гледаат и не ги слушаат катадневните анти новинарски наративи.
Дека се слепи за медиумскиот линч.
За очигледно нарачаните редакциски конструкции за оцрнување на партиските противници на нивните штапски налогодавци.
За овие појави македонските медиумски асоцијации молчат.
Молчат за флагрантните појави на анти новинарство во дел од македонските медиуми, посебно во една, две национални телевизии чии информативни програми не произведуваат новинарски продукти туку нивните информативни програми се изродија во инкубатори на конструирани лаги и клевети.
Уште колку дна ќе допираат дел од влијателни македонски медиуми?
Па, уште толку колку што на сатанистичкото новинарство простор ќе им остава и молкот на новинарскиот еснаф.




