Активисти што биле заробени од Израел, а претходно дел од флотилата што се обидуваше да достави помош во Газа, тврдат дека биле изложени на разни злоставувања, при што неколку лица биле хоспитализирани со повреди, а најмалку 15 пријавиле сексуални напади, вклучително и силување, пренесува Гардијан.
Израелската затворска служба ги негираше обвинувањата, а досега медиумите не можат независно тоа да го потврдат.
Германија соопшти дека некои од нејзините државјани биле повредени и дека дел од обвинувањата се „сериозни“, без да даде дополнителни детали. Правен извор во Италија изјави дека обвинителите таму истражуваат можни кривични дела, вклучително киднапирање и сексуален напад.
Истовремено, портпарол на израелската затворска служба изјавил дека „изнесените обвинувања се лажни и целосно без фактичка основа“.
Сите затвореници и приведени лица се третираат во согласност со законот, со целосно почитување на нивните основни права и под надзор на професионален и обучен затворски персонал“, рече тој.
Медицинската грижа се обезбедува според професионална медицинска проценка и во согласност со упатствата на министерството за здравство, дополни тој.
Како што пишува Гардијан, израелските сили во вторникот уапсија 430 лица на 50 бродови во меѓународни води за да ја запрат флотилата доброволци што се обидувала да достави помош во Газа.
Обвинувањата за злоставувања дополнително ќе го зголемат притисокот врз израелските власти да го објаснат третманот на уапсените, откако видео-снимки од израелскиот министер за безбедност Итамар Бен-Гвир како исмева дел од активистите во затвор предизвикаа меѓународен револт.
Италија соопшти дека членките на Европската Унија разговараат за можни санкции против министерот.
Има најмалку 15 случаи на сексуални напади, вклучително и силување. Гаѓани се со гумени куршуми од непосредна близина. На десетици луѓе им се скршени коските. Додека светот е фокусиран на страдањето на нашите учесници, не можеме доволно да нагласиме дека ова е само мал увид во бруталноста што Израел секојдневно ја спроведува врз палестинските заложници“, објавија организаторите на глобалната флотила „Сумуд“ преку Телеграм.
За случувањата јавно проговори и Лука Поџи, италијански економист меѓу уапсените од флотилата, веднаш по пристигнувањето во Рим.
Нѐ соблекуваа, нѐ фрлаа на земја, нѐ клоцаа. Многумина од нас беа погодени со електрошокери, некои беа сексуално нападнати, а на некои им беше одбиен пристап до адвокат, рече тој за Ројтерс.
Обвинителите во Рим ги истражуваат можните кривични дела киднапирање, тортура и сексуален напад и ќе земат искази од активистите што се вратиле во Италија.
Портпарол на германското министерство за надворешни работи рече дека конзуларни претставници кои се сретнале со германските активисти по нивното пристигнување во Истамбул пријавиле дека дел од нив имале повреди и биле подложени на медицински прегледи.
Хуманото постапување со германските државјани е апсолутен приоритет. Секако очекуваме целосно објаснување, бидејќи некои од изнесените обвинувања се сериозни, рече тој.
Извор:; Слободен печат.мк




