Руското Министерство за надворешни работи соопшти дека планира нов бран масовни ракетни напади со долг дострел врз Кијив, вклучително и врз „центри за донесување одлуки“, во она што Москва го нарече одмазда за украинскиот напад во Луганск. Русија тврди дека бил погоден студентски дом, додека Украина вели дека целта била руски центар за контрола на дронови, пренесува Кијив индепендент.
Заканата дојде само еден ден по еден од најголемите масовни напади со ракети и дронови врз украинската престолнина, во кој загинаа две лица, а повеќе од 80 беа повредени, при што напади беа регистрирани во речиси сите делови на градот.
Руските вооружени сили спроведуваат систематски напади врз претпријатија од украинскиот воено-индустриски комплекс во Кијив, се наведува во соопштението на руското Министерство за надворешни работи.
Оттаму посочија дека нападите ќе вклучуваат „конкретни локации каде се дизајнираат, произведуваат, програмираат и подготвуваат дронови за употреба на киевскиот режим со помош на специјалисти од НАТО кои се одговорни за снабдување, разузнавање и таргетирање“.
Нападите ќе ги таргетираат и центрите за донесување одлуки и командните пунктови, се додава во соопштението.
Како што пишува Киев индепендент, странски државјани, вклучително и дипломати, беа повикани да го напуштат градот, додека украинските цивили беа повикани да се држат подалеку од „воена и административна инфраструктура на режимот на Зеленски“.
Украинскиот министер за надворешни работи Андриј Сибиха изјави дека Украина „не треба да потклекне на ова руско уценување“, повикувајќи на „пропорционален“ западен одговор, вклучително и дополнителна помош и санкции.
Путин мора да разбере дека нема да постигне ништо со воени средства, додаде тој.
Неколку часа по руското соопштение, американскиот државен секретар Марко Рубио разговараше телефонски со рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров.
Ноќта на 22. мај, украински дронови наводно погодија образовна установа во градот Староблиск во областа Луганск, кој е под руска окупација од првите недели на војната.




