Заменик-министерот за внатрешни работи Митко Чавков со телеграма до сите организациски единици за потребите на Министерството, Бирото за јавна безбедност и Управата за безбедност и контраразузнавање на вработените им укажува на потребата од доследно почитување на законите, како и на Одлуките на Владата.
„Со техничкото назначување на министер за внатрешни работи од редот на опозицијата, а врз основа на политичкиот Договор од Пржино и неговата операционализација со измените на Законот за Владата, Министерот за внатрешни работи од првиот ден отпочна со реализација на партиски активности, со претходно одземање на овластувањата на директорите на Бирото за јавна безбедност и Управата за безбедност и контраразузнавање (сторено во стопроцентно автократска, нетранспарентна и спротивна на европските стандарди за децентрализација постапка), како и на началниците на Регионалните сектори за внатрешни работи со единствена цел да воспостави целосна партиска контрола со помош на мал број познати политички активисти на СДСМ“, се вели во телеграмата на Чавков.
Тој додава дека во делот на Решенијата за уназадување или разрешување на раководни работни лица во Министерството за внатрешни работи, сите тие Решенија биле донесени спротивно на Законот за внатрешни работи, бидејќи не биле исполнети законските услови за донесување на ваков вид на решение за конкретните работници.
„Имено, согласно Законот за внатрешни работи кој било работник во Министерството за внатрешни работи не смее да биде распореден на работно место кое е пониско од нивото на работното место на кое дотогаш работел, освен кога врз основа на претходно спроведена постапка ќе се утврди дека тој работник го прекршил работниот ред и дисциплина или не ги исполнил дадените работните обврски, во кој случај таквиот работник може да се распореди на работно место само во едно ниво пониско од нивото на работното место на кое дотогаш работел. Во сите конкретни случаи на уназадување или разрешување, не е спроведувана никаква постапка за утврдување на евентуално кршење на работниот ред и дисциплина или за неисполнување на дадените работните обврски, туку директно, противзаконски се носени тие решенија“, додава Чавков.
Чавков посочува дека министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски кој е избран на оваа функција „заради организација на предвремените избори за пратеници во 2016 година“, има и се уште има законска обврска сите правни, финансиски и кадровски прашања поврзани со организација на изборите да ги разгледува и потпишува заедно и рамноправно со дополнителниот заменик-министер за внатрешни работи, што не било направено во ниту еден единствен случај.