Агенцијата за обезбедување СГС и во наредната учебна година ќе ги обезбедува сите средни училишта во Скопје. Фамозната фирма со сомнителна сопственост го доби тендерот вреден 227 илјади евра за физичко обезбедување на средните училишта. Агенцијата Секјурити груп сервисис петта година по ред го добива овој тендер од Град Скопје и на секој повик е единствен понудувач. За овие пет учебни години, СГС од градската каса искеширала еден милион евра.
Заклучно со тендерот за средните училишта, СГС годинава доби четири бизнис зделки од државни пари. Претходно, беше избрана како најдобар понудувач за обезбедување на Болницата во Велес, како и тендери од ТЕЦ Неготино и Електрани на Македонија.
Инаку, од почетокот на својата работа во 2012 па до крајот на 2015 година. мистериозната агенција чијшто сопственик никој не го познава, дури и оние од бизнисот со обезбедување, во овој период добила 56 државни тендери, а од нив дури на 46 биле единствен понудувач. Или во пари, за само четири години СГС од државниот буџет и од општинските каси искеширала 16 милиони евра.
СГС е основана на 20 декември 2010 година. Прв сопственик е фирмата НВСП, чија примарна дејност е посредување и консалтинг. Сопственик на НВСП е Владимир Стајковиќ кој освен што е сопственик на фирмата, тој е овластено лице и на фирмата „Мобико ДООЕЛ “, компанија во сопственост на извршниот директор на Т-Мобиле Жарко Луковски, чиј што кум е поранешниот директор на УБК Сашо Мијалков.
Компанијата НВСП се појавуваше и во разговорите од прислушуваните материјали во скандалот со израелската опрема. Стајковиќ, меѓудругото е и член на надзорниот одбор на Државната видео лотарија, а неговиот брат е на функција во МВР. НВСП е сопственик на СГС до 8 мај 2012 година, кога газда станува извесен Дејан Ќировски. Управител за цело време е 48-годишниот Мирољуб Давидов. Во евиденцијата на Централниот регистар Дејан Ќировски е сопственик и на фирмата ИММОБИЛАРЕ трејдинг основана во 2009 година.
СГС е агенција за обезбедување за која во јавноста провејуваа шпекулации дека истата е поврзана со поранешниот директор на УБК Сашо Мијалков, а одредени медиуми тврдеа дека Дејан Ќировски е газда само на хартија, чие име треба да ги сокрие трагите од вистинските сопственици на бизнисот. Овие шпекулации никогаш не се докажале, но во една од „бомбите“ Мијалков разговара за оваа компанија во манир кој во јавноста беше сфатен дека тој е човек кој одлучува во име на овој бизнис.
За само 5 години од основањето, СГС стана доминантна во бизнисот со обезбедување, потиснувајќи ги зад себе сите останати фирми со долгогодишна традиција и искуство.