Маратонска седница денеска се одвива во Апелациониот суд, каде се разгледуваат жалбите на првостепената пресуда на Кривичниот суд за осудените во случајот „Шпион“.
Пресудата за случајот напишана на 1.056 страници е во целост оспорена од обвинетите и од нивните адвокати.
На јавната седница за првпат присуствуваат обвинителите од Специјалното обвинителство Ленче Ристовска и Елизабета Јосифовска, откако СЈО го презеде случајот и тие на крајот од јавната седница ќе дадат свое мислење во однос на жалбите.
Адвокатот Ѕвонко Давидовќ најави дека одбраната на обвинетите очекува да се укине пресудата, затоа што според нив има многу пропусти.
-Очекуваме да се укине пресудата затоа што има навистина повреди. Прво, повредено е правото на одбрана, нас не ни беше доставена ниту првостепената пресуда. Она што е најинтересно, суштината е дека се оддавале информации за определени луѓе на странски служби. Во ситуација кога нашето МВР има таква опрема, такви информации се достапни на сите. Од јавен карактер се сите, особено што досиејата за Богдановски и другите, така да сето ова што го пишува првостепениот суд во ваквата пресуда е срамно и необјективно, посоч адвокатот Давидовиќ.
Пресудата е оспорена во 45 точки, а најавено е дека седницата ќе продолжи и утре. При првостепената пресуда обвинетите беа осудени на вкупно 73 години затвор.
Во случајот „Шпион, на 18 обвинети им се суди за злосторничко здружување, шпионажа и уцена, опфатени се поранешни и сегашни разузнавачи од цивилното и военото разузнавање, екс полициски службеници, екс директорот на Управата за борба против перење пари, екс шефот на Претседателот на Собранието на Република Македонија.
Меѓу нив е и новинарот Зоран Божиновски кој се товари за три дела, но неговата постапка беше во прекин, затоа што српските власти кои го уапсија во 2013 година, не ѝ го испорачуваа на Македонија, сѐ до март годинава, кога во „брза“ постапка, за само еден ден, беше екстрадиран.
Божиновски се наоѓа во притвор во Шутка, а рочиштето во Кривичниот суд за него повторно беше одложено денеска, откако судијката Александра Крстиќ обвини дека Апелација ги нема доставено на увид доказните материјали иако првостепениот суд во неколку наврати го побарал тоа. Следното рочиште за Божиновски е закажано за 27. септември.
Утрово Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) и повеќе медиумски организации и активисти побараа судот да дозволи Божиновски да се брани од слобода.
Претседателот на ЗНМ Насер Селмани од Здружението на новинари на Македонија истакна дека доколку судот дозволува поранешни функционери, осомничени за сериозно нарушување на демократијата да се бранат од слобода, тогаш тоа може да важи и за новинарот Божиновски.