Републиканскиот кандидат за Белата куќа Доналд Трамп изјави дека рускиот претседател Владимир Путин е подобар лидер од претседателот на САД Барак Обама.
Освен тоа, на прашањето за претходните пофалби упатени кон Путин, Трамп изјави:„ Тој сепак има поддршка од 82 проценти од граѓаните“.
„Ако тој кажува убави работи за мене, и јас ќе кажам убави работи за него. Кога вели дека сум брилијантен ќе го прифатам комплиментот“, додава Трамп.
Инаку, Трамп неодамна жестоко беше критикуван кога апелираше Русија да ги ископа мејловите кои неговата ривалка Хилари Клинтон ги избриша од серверот. А, и не е прв пат тој да го фали рускиот лидер – во декември изјави дека чувствува голема чест за тоа што Путин го нарекол „талентирана личност“.
Коментарите на Трамп доаѓаат во момент кога одново се заоструваат односите меѓу САД и Русија. Министерот за одбрана на САД Еш Картер неодамна изјави дека „Русија има јасна амбиција да го наруши воспоставениот меѓународен поредок.“
Од друга страна, неговата противкандидатка Клинтон, повторно имаше дефанзивен став поради скандалот со мејловите додека била државна секретарка. Еден офицер од морнарицата рече дека тој би завршил во затвор ако објавел доверливи информации како што таа го стори.
Клинтон исто така рече дека нејзиниот глас во Сенатот од 2002 година за војната во Ирак била „грешка“, а истакна дека Трамп еднаш ја поддржал инвазијата.
„Јас превзедов одговорност за својата одлука. Мојот противник не го стори истото“., истакна Хилари Клинтон.
Бившата прва дама на САД се заколна дека ќе ја порази Исламската држава, но нагласи една работа – “никогаш повеќе нема да испратиме воени сили во Ирак“.
Инаку, првата претседателска дебата на двајцата кандидати ќе биде одржана на 26 септември. Изборите во САД се закажани на 8 ноември.