ЕУ и САД мора да извршат посилен притисок врз владејачката гарнитура во Македонија за да се обезбедат фер и демократски избори, вели за Дојче Веле професорот Флоријан Бибер. Тој смета дека ЕУ нема апетит за прифаќање нови членки
Опозицијата долго време обвинуваше дека нема услови за фер и демократски избори и мислам дека тоа беше издржана критика. Прашањето е што може да се стори до ноември за тоа да се исполни. Можам да замислам дека опозицијата е подготвена повторно да се дистанцира од изборите доколку не се исполнат условите. Со други зборови, мислам дека граѓанското општество, кое беше доста активно преку Шарената револуција изминатата пролет и лето, и опозицијата ќе треба да одлучат дали можат да се одржат фер избори, и потоа доколку нема услови, тие да се откажат. Се разбира, ова постојано одложување на изборите станува гротескно, но тоа покажува и дека владејачките партии точно знаат дека паѓањето од власт не значи само губење на власта во смисла на демократска промена на власта, туку тоа претставува една реална закана за целата врхушка на власт. Тешко е замисливо дека елитата нема да заврши во затвор поради постојните сомнежи и затоа цената на изборите е многу висока.Прашањето е дали воопшто може да зборуваме за фер и демократски избори при така висока цена. Ризикот е многу голем. А тука природно се поставува прашањето: што може да ги убеди да прифатат фер и слободни избори кога ризикот дека за тоа ќе платат голема цена е висок. ЕУ има само ограничени механизми за притисок.
Мислам дека од страна на ЕУ мора да се изврши посилен притисок врз владејачката партија, во координација со САД, за да се осигура дека изборите ќе бидат слободни и фер. Преговорите за тоа не можат да траат вечно. А во моментов се чини дека тоа е стратегијата на владејачката партија и на експремиерот Груевски.
Тие бараат начин вечно да преговараат. Колку подолго се преговара, толку повеќе се троши опозицијата и се исцрпува ЕУ, и се надеваат дека на крајот ќе успеат да излезат од овој маратон како единствени преживеани. Тоа не смее да се случи. Доколку такви злоупотреби и манипулации на демократските институции можат да се преживеат во Македонија, тогаш тоа ќе биде сигнал и за останатите земји во регионот: Србија, Црна Гора и други. Сите тие следат што се случува и си велат: па добро, ако ЕУ го прифаќа тоа во Македонија, зошто да не го правиме истото и кај нас.