Духот на големиот диктатор Николае Чаушеску уште долго ќе ги прогонува романските граѓани. Неговата челична рака, алчност и немилосрдност се овековечени во грандиозната палата во центарот на Букурешт. Изградена е на вештачки рид, а за да се издигне над градот биле урнати сите околни куќи, згради, фабрики, манастири во радиус од 7 километри, а 40.000 луѓе биле преселени. Палатата може да се види од далечина од неколку километри, а улицата потсетува на париската Шанзелизе.

Како што се приближувате кон неа, така се восхитувате на убавината, но и останувате запрепастени од развратноста на диктаторот. Чаушеску ја нарекол Палата на Републиката, но по неговиот пад романските власти ја преименуваа во Народната Палата. И како што низ историјата завршил секој голем диктатор, така и Чаушеску не дочека да ужива во раскошот. Во вечноста замина со стрелање од сопствениот народ и омразен, а сиот луксуз им го остави токму на оние кои 22 години ги потчинуваше.
Мегаломанијата на романскиот претседател
Зградата има 20 ката, од кои 8 се под земја. Има 1.100 соби, а целиот објект зафаќа простор од 330.000 метри квадратни. Според Гинис, таа е втора најголема административна зграда во светот после Пентагон.
Како главен архитект била ангажирана 28 годишната Анка Петреску, која имала уште 10 архитекти помошници и 700 советници. А, во изградбата учествувале 20.000 градежни работници кои работеле во три смени, плус 5.000 војници и 1,5 милиони луѓе вработени во фабриките низ Романија.

Во најдолниот дел под земја има антиатомски бункер, бидејќи Чаушеску единствено се плашел од нуклеарна војна. Бункерот е забарикадиран со дебели ѕидови од 1,5 метри кои се имуни на радијација. Засолништето е поврзано со телефонски врски со сите воени единици во Романија, а има и неколку резиденцијални апартмани за државниот врв во случај на војна.
Нашиот водач кој накусо ни ја раскажа историјата на Палатата, рече дека целиот материјал кој бил користен за изградба бил од романско потекло. Во неа се вградени 3.500 тони кристал, 700.000 тони челик и бронза, 1.000.000 м3 мермер, 900.000 метри кубни дрво, 200.000 м2 волнени теписони, 3.500 м2 чиста кожа, огромни количини на злато и свила.
Луциден и расипник, Чаушеску уживал во сопствениот раскош на сметка на романската мизерија
Кога овие детали ги набројуваше водичот, македонската група во Палатата почна меѓу себе да се „шушка“, оти некако ни дојде познат овој градежен цунами. Многу симболики и паралели има со нашиот проект Скопје 2014, чиј идеен творец е екс премиерот Никола Груевски.
Вредноста на зградата во 1989 година кога бил убиен Чаушеску заедно со неговата сопруга Елена била проценета на 1,75 милијарди долари. Толку пари потрошил за само 5 години за изградба на Палатата, додека неговиот народ живеел во најголема беда и сиромаштија. Тој таму направил град во град. Со ресторани, пространи холови како улици, библиотеки, работни соби и апратмани, а во подрумскиот дел во кој „фрливме око“ Чаушеску посакал и добил и театар. Со галерија и седишта обложени од чиста кожа. Во просторијата во која требало да се одржуваат состаноци, има галерија наменета за 35 музичари кои требале да свират и да го релаксираат лидерот додека тој управувал со земјата.

Уште многу детали кажа водачот на групата од кои буквално морници го полазуваат секој кој што слуша. Огромните скали што ги поврзуваат првиот и вториот кат биле правени и уривани шест пати, бидејќи не му се допаѓале на романскиот претседател. Имаат вкупно по 65 скалила, кои ја симболизираат годината во која дошол на власт и кои биле правени според мерките од неговите стапала.
Секој диктатор копнее по големи портрети
Но, како за инат на Чаушеску, во Палатата сега нема ни едно негово лично обележје или пак симбол на комунизмот. Туристичкиот водич ни објасни дека сите негови портрети и на неговото семејство се тргнати од ѕидовите и сместени во подрумот.
„Знаете, сите диктатори, па така и Чаушеску чезнеел за внимание. Сакал секаде да доминира, па затоа нарачал да биде насликан на огромни портрети, од кои некои и по 10 метри.“, рече нашиот водич.
И овој историски факт не натера да направиме паралела со нашата реалност. Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ исто така си нарача портрети за во штабот на партијата, а најголемиот на кој е Никола Груевски, заедно со сопругата и децата е со димензии 8 метри квадратни на 4 метри квадратни. А, штабот на ВМРО-ДПМНЕ е најобезбедуваниот објект во државата. За време на протестите на Шарената револуција беа обоени сите згради во центарот на Скопје кои го симболизираат мегаломанството на власта, но до седиштето на владејачката партија не смееше да се приближи никој и беше чувана со стотици специјалци и хермелини. Внатре нема влезено ниту еден медиум, ниту пак однатре во јавноста излегла слика како Груевски и сопартијците ја уредиле новата зграда.
Роамнците велат дека Чаушеску сигурно се превртува во гроб, зошто неговиот златен дворец, сега е домот на демократијата во Романија. Од 1994 година во зградата се смести Парламентарниот дом, а потоа и Сенатот, Националниот музеј на современа уметност, а делови од објектот можат да се изнајмат од здруженија, граѓански организации за конференции и презентации. Годишно романските граѓани одржувањето на палатата ги чини 3 милиони евра. Во 2006 година вредноста е проценета на 3 милијарди евра, а од 1.100 соби засега само 400 се целосно завршени.
Без сомнение Палатата на Парламентот, како што сега се вика, е една од најконтроверзните градби во светот. Можеби Чаушеску не успеал во неговата цел да го редизајнира лицето на Букурешт, но зградата секако никогаш нема да биде заборавена и ќе потсетува и предупредува на владеењето на озлогласениот диктатор.