Популарниот весник USA Today за прв пат во својата 36 годишна историја зазеде страна во претседателската трка. Денешниот уреднички коментар на весникот ги повикува читателите да не гласаат за Доналд Трамп.
“Оваа година изборот не е помеѓу двајца способни кандидати на најголемите партии кои имаат значајни идеолошки разлики. Оваа година еден од кандидатите – републиканецот Доналд Трамп – е неспособен да биде претседател и тоа е едногласен став на уредничкиот колегиум”, пишува USA Today.
Потоа коментарот вели дека од самиот почеток на кампањата Трамп постојано докажува дека му недостига темперамент, знаење, искреност и стабилност кои на Америка и се потребни во Белата куќа. И во осум точки ги набројува причините зошто не треба да се гласа за Трамп.
Во списокот се наведени неговата реторика полна со предрасуди, неговиот непредвидлив темперамент, неговата “бурна” деловна историја и неговата нечесност.
Но и покрај тоа, весникот не повикува да се гласа за Хилари Клинтон:
“Останете им верни на вашите убедувања. Тоа можеби значи да се гласа за Клинтон, најубедливата алтернатива за да се спречи влезот на Трамп во Белата куќа. Или можеби тоа значи дека ќе гласате за кандидат од трета партија”, вели коментарот.
И додава: “Што и да направите, пружете отпор против песната на сирената на опасниот демагог. Гласајте, но не за Доналд Трамп”.