Залагањата на специјалната обвинителка Катица Јанева за измени во Законот за заштита на сведоците, покренати во април и покрај тоа што денеска се најдоа во собраниските клупи, не наидоа на поддршка а не наиде ни предлогот за продолжување на рокот на постоењето на СЈО.
Од присутните 103 пратеници на гласањето за Законот за заштита на сведоците, измените наидоа на поддршка од 42 пратеници, додека против гласаа 52. Останатите биле присутни но не гласале, а меѓу нив и пратеничките Солза Грчева и Роза Топузова-Каревска кои вчера во изјава за НОВА, рекоа дека тие се за измените кои ги бара Јанева.
Со 36 за и 54 против од вкупно 90 пратеници, не помина ниту предлогот за измена на Законот за Специјалното јавно обвинителство со кое се бараше продолжување на рокот за постоење на ова Обвинителство.
Пратеничките Солза Грчева и Роза Топузова-Каревска исто така биле присутни на седницата но одлучиле да не гласаат. Не гласал ниту координаторот на Пратеничката група на ДУИ, Талат Џафери, кој ги поддржа измените во Законот за заштита на сведоци, но одлучил да не гласа за рокот на постоењето на СЈО. Пратениците на ДПА ги поддржаа измените на законите.
За измените за Законот за СЈО, 4 пратеници од ДУИ гласаа ЗА, додека 8 се изјаснија ЗА за измените за заштитени сведоци. Иако Џафери претходно за НОВА најави дека ДУИ ќе ги поддржи измените на законите кои ги побара Јанева, со неприсуството на дел од пратениците на ДУИ, тие не ги поддржаа целосно законските измени.
Гласовите против двата предлога на Јанева пак, претежно се од владејачкото мнозинство.
НОВА вчера анализираше дека и без ВМРО-ДПМНЕ, законите може да бидат изгласани доколку за нив, заедно со СДСМ, гласаат сите независни пратеници, како и партијата ДПА.
Петре Шилегов веднаш по седницата во име на предлагачот рече дека гласањето содржело сериозни политички пораки, бидејќи СЈО проилезе од Пржино.
Имено иницијативите на Јанева до пратениците произлегуваат од барањето на СЈО да може да навлезе во сржта на предметите „Нешковски“, „Монструм“ и „Сопот“.
Кој гласаше против измените во Законот за заштита на сведоците?
Владанка Авировиќ, Момчило Аврамоски, Сашо Аќимоски, Амди Бајрам, Мирјана Хаџиевска, Трајко Вељаноски, Славе Гошев, Драган Данев, Весна Дамчевска-Илиевска, Благоја Деспотовски, Милка Христова, Трајчо Димков, Илија Димовски, Љупчо Димовски, Зоран Ѓорѓиевски, Лилјана Затуровска, Иван Иванов, Зоран Илиоски, Фатмир Имероски, Марија Ангелова Ѓоко Камчев, Светлана Јакимовска, Светлана Карапетрова, Марјанчо Колевски, Лилјана Кузмановска, Благица Ласовска, Ане Лашкоска, Магдалена Манаскова, Стојан Миланов, Антонијо Милошоски, Слаѓана Митовска, Никола Мицевски, Крсто Мукоски, Олга Најденоска, Авдија Пепиќ, Васил Пишев, Алим Билали, Даниела Рангелова, Чедомир Саздовски, Сузана Секуловска, Јасминка Дамческа, Андон Чибишев, Благородна Бојаџиева, Димитар Стевананџија, Иван Стоилковиќ, Александар Стојкоски, Соња Талевска, Ѓорѓи Коџабашиев, Дајанчо Ефтимов, Кенан Хасипи, Нада Ципушева и Драган Цуклев, сите од владејачката коалиција гласаа против.
Сашо Василевски, Солза Грчева, Мирсада Емини-Асани, Стојко Пауновски, Весна Пемова, Ејуп Рустеми, Мирван Џемаили, Муса Ибраими и Роза Топузова-Каревска одлучиле да не гласаат.
Кој гласаше против предлогот за продолжување на рокот за постоењето на СЈО?
Сите од владејачкото мнозинство кои гласаа против измените во Законот за заштита на сведоците гласале и против продолжувањето на рокот на СЈО, плус пратеничката Весна Пемова, додека Солза Грчева, Реџаил Исмаили, Мирсада Емини-Асани, Мирван Џемаили, Селвије Салиу, Шпреса Хадри, Муса Ибраими, Талат Џафери, Ејуп Рустеми и Тоза Топузова-КАревска биле присутни но не гласале.
Пратениците Зулфи Адили и Љубица Буралиева ги поддржаа и двата предлога како што и нагласија претходно.
*со кликање на фотографиите, тие се појавуваат во оригиналниот формат