Двоен стрелец во победата на премиерлигашот со 4:1 беше Погба, по еден гол дадоа Марсијал и Лингард, Холанѓанецот го постигна единствениот за тимот од Истанбул
Манчестер Јунајтед го надигра и убедливо порази Фенербахче со 4:1 во третото коло од А групата во Лига Европа. Победникот на „Олд Трафорд“ беше решен уште по првото полувреме во кое „црвените ѓаволи“ постигнаа три гола. По еден пенал погодија Погба (31 минута) и Марсијал (34 минута), напаѓачот од Франција реализира и од игра во судиското екстра време пред одморот.
Набрзо по враќање на теренот Лингард зголеми на 4:0, а почесниот за гостите од Истанбул го даде Робин ван Перси кој имаше емотивно враќање на стадионот на кој мина три сезони. Дека навивачите не го заборавиле покажаа со аплауз при неговиот погодок во 83 минута. Меѓу нив и неговиот поранешен менаџер сер Алекс Фергусон.
Триумф со идентичен резултат забележа и Олимпијакос над Астана. Агим Ибраими не беше опција за настап во тимот од Казахстан поради повреда на еден од последните тренинзи.
За издвојување и ремито на Рома против Австрија Виена. Римјаните имаа 3:1 во финишот, но во само две минути примија два гола и на крајот мораа да се помират со губење на два бода.
Лига Европа
Резултати, 3. Коло
АЗ Алкмар – Макаби Тел Авив 1:2
Рома – Австрија Виена 3:3
Дандалк – Зенит 1:2
Феенорд – Зорја 1:0
Генк – Атлетик Билбао 2:0
Мајнц – Андерлехт 1:1
Манчестер Ј. – Фенербахче 4:1
Олимпијакос – Астана 4:1
Викторија Плзен – Астра 1:2
Рапид Виена – Сасуоло 1:1
Сент Етјен – Габала 1:0
Јанг Бојс – АПОЕЛ 3:1