„Период на неизвесност“ е описот кој голем дел од светските медиумски куќи го користат по победата на Доналд Трамп за претседателското место во Белата куќа. Но и оние кои го критикуваа за време на кампањата, во духот на дипломатските односи му ја честитаа победата.
Германската канцеларка Ангела Меркел му честиташе на Трамп и му понуди блиска соработка.
„Германија и САД се поврзани со вредностите демократија, слобода, владеење на правото, интегритетот на луѓето независно од нивната боја на кожа, религија, пол, сексуална ориентација или политички гледишта. Врз основа на овие вредности, му нудам блиска соработка на следниот претседател на САД, Доналд Трамп“, изјави Меркел денес.
Вака дефинираната изјава доаѓа по критиките од страна на Трамп кон Меркел при отворањето на границите за време на силниот бегалски бран.
– Хилари Клинтон сака да биде американската Ангела Меркел, а знаете каква катастрофа беше оваа масовна миграција за Германија и нејзиниот народ, порача во еден од своите говори, дополнувајќи дека пораснал криминалот во Германија со доаѓањето на бегалците.
Францускиот претседател Франсоа Оланд, откако претходно потенцираше дека „му се повраќа“ од Трамп, сега порачува дека земјите од Европа треба да бидат обединети во своите интереси.
– Му честитам, како што е нормално помеѓу двајца шефови на демократски држави. САД е партнер од првите редови за Франција. Она што е важно се мирот, борбата против тероризмот, решавање на ситуацијата во Блискиот Исток, економските односи и зачувувањето на планетата, му порача Оланд на новоизбраниот претседател.
Во однос на последното прашање, за зачувување на Земјата, Оланд е спремен да соработува веднаш со администрацијата на Трамп, но рече дека ќе биде остар и искрен доколку има несогласувања.
– Некои од ставовите на Доналд Трамп, искажани за време на кампањата се контрадикторни со вредностите и интересите кои ние и САД ги делиме, изјави Оланд.
Овие изјави на Оланд и Меркел се поотворени за разлика од оние на унгарскиот премиер Виктор Орбан, британскиот шеф на дипломатијата Борис Џонсон и премиерката Тереса Меј, кој му упатија срдечно „добредојде“ на Трамп во политиката.