Рускиот пливач Виталиј Мелников е суспендиран на осум години од Светската пливачка асоцијација (ФИНА) поради позитивни резултати на допинг контрола во март оваа година.
Мелников е фатен дека користи хормон за раст во пресрет на квалификациските трки за олимписките Игри во Рио де Жанеиро. И при соопштување на резултатите од тестовите и при обелоденување на одлуката за санкционирање, тој не се обиде да се брани.
Со оглед дека моментно има 26 години, а од суспензијата ќе излезе на 34, речиси е сигурно дека ова значи и крај на неговата кариера. Ова, сепак, не е прв негов случај за користење на недозволени средства. Беше ставен „под мраз“ и во 2013 година поради употреба на забранетата супстанција еритропоетин.