Бројни полициски сили преземаат големи безбедносни мерки во организацијата на мечот меѓу Албанија и Израел во квалификациите за СП 2018. Како што можеше да се очекува, а беше случај и во Скопје, припадници на МОСАД и овојпат се дел од гостинската фудбалска експедиција кај нашиот западен сосед со задача за заштита на израелските репрезентативци.
Израелската тајна служба во соработка со француската им дојавија на албанските власти дека група навивачи на домашната селекција се обидува да набави експлозив со намера да го детонира за време на средбата во Елбасан. Фудбалската битка за бодови во групата во која настапува и Македонија првично требаше да се одигра во Скадар, но беше премесетена по добиените сознанија за напади.
Сето ова ги дигна на нозе албанските служби за безбедност. Сите улици беа затворени при движењето на Израелците од аеродром до хотел. Нив, исто така, им е забранет излез од хотел до почетокот на натпреварот.
Стадионот во Елбасан е под постојан надзор на албански специјалци, а полицијата соопшти дека се преземаат вонредни мерки на безбедност за претстојниот натпревар и дека се ангажирани 2.000 нејзини припадници за осигурување на фудбалскиот меч.
Македонија во септември гостуваше во Албанија. Мечот се одигра во Скадар и мина без проблеми по нашите репрезентативци. Безбедноста беше грижа на 900 полијајци како што тогаш јавија тамошните медиуми. Националниот тим отпатува со автобус и од македонско-косовската граница до крајното одредиште беше под постојана полициска придружба. Инцидент, сепак, се случи на трибините со свирежи на македонската химна, навреди на националната основа, истакнување на навредливи пораки на национална основа и куса блиска средба со малубројните навивачи на „црвено-жолтите“ за што албанската федерација беше казета од ФИФА со 50.000 франци.