Бразил е суспендиран од ФИБА поради неисполнување на дел од обврските како член на светското кошаркарско семејство. Забелешките за Бразилците се однесуваат за неиспраќање на нивни национални селекции на неодамнешните натпреварувања потоа неспособноста да организираат турнир од светската серија во улична кошарка „три на три“ и на крајот на краиштата за долгот што го имаат кон организацијата. И тоа не е се. Бразилската кошаркарска федерација (ЦББ) е на тапет и што се допушта вмешаност на трети страни во изборот на играчи во националниот тим.
„Финансиската ситуација во ЦББ не е добра. Нема никаква реакција ниту на нашите апели за реструктурирање“, стои во веста на ФИБА.
На одлуката за суспензија од ФИБА, експресно одговорија од ЦББ. Изразуваат изненаденост и воедно ветување и подготвеност за преземање на конкретни мерки и чекори за нејзино симнување. За тоа, пак, од светската Куќа на кошарката најавија дека ќе расправаат на 28 јануари наредната година.