Користам јавен превоз, но поради обврските почесто се возам со автомобил, рече денеска градоначалникот на Скопје, Коце Трајановски на садењето на дрвја во населбата Ново Лисиче.
Одговарајќи на новинарско прашање за какви мерки ќе преземе за да се намали загадувањето, Трајановски рече дека ќе субвенционираат пелети за греење, а во иднина планирана е и набавка на електрични автобуси.
Според градоначалникот, главна причина за загаденоста во Скопје е конфигурацијата на градот, односно затоа што немало провев.
„Градот Скопје и досега преземаше активности за намалување на загадувањето на градот. Една од главните причини за загадувањето е конфигурацијата на градот, помал провев, ако има поголем провев помали ќе беа загадувањето. Градот Скопје успешно спроведе акција за доделување парична помош за набавка на пелети на оние кои што сакаат да направат печки. Исто така ги анимираме граѓаните да превоз кој помалку загадува и да го користат јавниот превоз“, рече Трајановски.
Инаку денеска на седница на Советот на Градот се гласа за предлог – буџетот за идната година во кој предвидени десетици милиони евра за барокни фасади, луна паркови и мебел за новата барокна зграда, а за справувањето со проблемот на скопјани има околу 220.000 евра од кои најголем дел се за елаборати и само 65.000 евра за субвенции за пелети за 2017 година.