Текстот е објавен на францускиот сајт Балкански гласник (Le Courrier des Balkans)
Веќе неколку години, Синдикатот на дипломати алармира за упадите на ВМРО-ДПМНЕ во Министерството за надворешни работи. Партија која ја доведе македонската дипломатија “на ниво на неспособност невидено од независноста до денес”. Дипломатите од кариера се маргинализирани, а новите “динамични кадри” и партиски војничиња на коалициските партнери во власта се промовирани во амбасадите, понекогаш дури и само со неколку месеци искуство, честопати и без да го знаат јазикот на државата во која се испратени.
Овие промоции имаат за цел да им служат на интересите на владеачката партија а не на државата. Да не се чудиме што имиџот на Македонија се влошува во повеќето големи престолнини, како и врските кои поранешните дипломати ги градеа со години од почетокот на независноста.
За време на предизборната кампања, синдикатот на дипломатите објави нови информации за работата на некои дипломати во амбасадите за промовирање на ВМРО-ДПМНЕ со цел да обезбедат сигурна победа на изборите во дијаспората.
Друг важен играч во оваа шема (покрај здруженијата на иселеници) е Македонската Православна Црква, која ја превзема улогата на “надворешен комитет” на партијата.
Првите манипулации во 2014 година
Оваа ситуација синдикатот ја обелодени во март 2014 година, во времето кога идејата за гласање на дијаспората извира од редовите на ВМРО-ДПМНЕ со цел да добијат три дополнителни пратенички места благодарение на добро подмачкана машинерија.
Претставниците на МНР испратени како помош во амбасадите се припадници на македонската заедница – еден вид дискриминација кон другите заедници, објаснува синдикатот, кој исто така го покренува прашањето за застапеност на дијаспората. Според некои проценки, дијаспората е составена со половина Македонци, а другата половина од другите заедници.
Дел од дијаспората, исто така, алармираше за одредени манипулации во амбасадите. Меѓу проблемите идентификувано беше присуство на службени лица (дипломати или т.н. експерти) без посебна мисија кои им наложувале на вработените да им ги дадат списоците на сите граѓани регистрирани во амбасадата, но, исто така, да воспостават контакт, надвор од просториите на Амбасадата, со некои членови на дијаспората. Тие делеле пасоши (неопходни за гласање) кои се издавале експресно вон каква било постапка.
Во Париз, амбасадата и црквата и служат на партијата
Зградата на македонската амбасада во Париз
Пред секои избори амбасадите, контролирани од ВМРО-ДПМНЕ, се трудат да ја убедат дијаспората “добро” да гласа. Потсетници се испраќаат под закрила за навремено информирање на нивното право за гласање, се организираат состаноци и голем број на други активности се оркестрирани од страна на дел од дипломатскиот персонал.
Подршката, исто така, се добива и од страна на македонските цркви, особено од членовите на Советот на парохијата, кои проповедаат поддршка за ВМРО-ДПМНЕ, “последниот бастион против евентуална поделба на земјата”.
Што се однесува до опозицијата, таа е едноставно демонизирана. А дипломатите не се двоумат да одат во црква за да ги привлекуваат верниците кон каузата на партија.
Во врска со изборите од 11 декември, синдикатот на дипломати загрижен беше од упатениот апел на фејсбук страница на групата “Македонци од Франција“ кој беше проследен и од црквата. Целта на овој текст беше да се мобилизира дијаспората со цел да имаат доволен број на регистрирани иселеници на избирачкиот список за да се спроведе процесот на гласање во амбасадата. Тоа што е контроверзно е употребениот говорот што синдикатот на дипломати го нарекува “поттикнување на омраза и расна и верска дискриминација”.
Всушност, аргумент за мобилизација беше да “се запишат на избирачкиот список и да се гласа масовно за да се спречи дијаспората да биде претставена од Албанец во Собрание”. Порака која беше потоа избришана од страницата.
Претставник на ВМРО-ДПМНЕ, претставувајќи се како вработен во Министерството за култура, во придружба на економски промотор и еден дипломат од амбасадата, присуствуваше на литургијата во неделата во Македонската црква. Потоа се обратиле кон верниците да ги поттикнат да се регистрираат на избирачкиот список на амбасадата, наведувајќи дека тие биле таму за да им помогнат да ги пополнат апликациите за регистрација.
Во последниот извештај од набљудувачката мисија на ОБСЕ/ОДИХР се истакнува дека “Државната изборна комисија одобри 20.629 апликации за гласање во странство. Голем број од апликациите беа поднесени од иста адреса на електронска пошта. Некои политички партии ѝ соопштија на НМИ на ОБСЕ/ОДИХР дека им помагале на гласачите во пополнувањето на нивните апликации”.
Дијаспората се поподелена
Средба на Груевски со македонската дијаспора во Париз во 2013 година
Во Париз, сè повеќе Македонци не се согласуваат со “линијата на ВМРО-ДПМНЕ” наметната од страна на амбасадата и се одалечуваат од местата каде се собираат нивните сограѓани, почнувајќи со Црквата.
Наташа има четириесет години и е родена во Париз. Пред тоа, таа била “среќна” да оди во црква, но денес веќе таму не оди. “Црквата е про-Груевски комитет, каде им го перат мозокот на сите кои ја посетуваат црквата барајќи да се приклучат на партијата и да се собираат пари за да ја финансираат партијата. Неверојатно е што стана од таа црква која порано беше полна духовност”.
Петар дошол во Париз пред десетина години како студент е иритиран од реакциите на некои сограѓани. “Се прашувам кои се мотивациите на Македонците пристигнати таму неодамна, често и со бугарски пасоши, и кои проповедаат за ВМРО-ДПМНЕ. Тие ја напуштиле земјата, бидејќи нема иднина за младите таму, а сепак тие го поддржуваат режимот. Оваа е неразбирливо! ”
И додека некои отворено ги искажуваат нивните несогласувања на социјалните мрежи, особено за прашањето на правата на глас за дијаспората, други одлучуваат молчат, поради страв да бидат етикетирани.