Шведскиот фудбалски интернационалец, Златан Ибрахимовиќ најде причина и за, според него, личната незадоволителна форма и за формата на екипата од „Олд Трафорд“ што не е на ниво какво се очекуваше. Ја најде во клупските обврски во четврток што Манчестер јунајтед ги имаше оваа есен во групната фаза во Лига Европа, а ќе ги има и напролет во нокаут рундите во натпреварувањето на УЕФА.
„Мечевите во европската Лига што се играат во четврток не останаат многу време за одмор. Што се однесува лично до мене, тие мечеви ме убиваат. Не сум навикнат да играм во четврток. По гостувањето во Украина имам еден ден помалку за одмор. Веќе утре нè очекува меч во Премиерлигата“, истакна Ибрахимовиќ пред англиските медиуми.
Манчестер јунајтед потроши цело богатство во периодот пред сезоната. Не штедеше пари за засилувања што ги замисли и реализира Жозе Мурињо, но изданијата на „црвените ѓаволи“ се под очекувањата на навивачите и јавноста. Опстанокот во Лига Европа беше потврден во последното коло од групната фаза, во Премиерлигата, пак, екипата е шеста со 21 бод, дури 13 помалку од лидерот Челзи и зад себе има четири нерешени исходи во последните пет настапи. Утре на домашен терен го дочекува Тотенхем во дербито на 15 коло.