Европската комисија (ЕК) ќе даде своја реакција на вчерашните избори во Македонија откако набљудувачката мисија на ОБСЕ-ОДИХР ќе ги соопшти своите наоди подоцна во текот на денот.
Се очекува и реакција од средбата на министрите за надворешни работи на ЕУ која денес се одржува во Брисел. Од оваа средба треба да има заклучок за изборите во Македонија но и за наодите на годишниот извештај на ЕК за нашата земја и за целиот регион. Овој заклучок потоа треба да биде потврден на самитот на шефовите на држави и влади на ЕУ кој се одржува на крајот на оваа недела.
Во меѓувреме, во Брисел допатува шефот на македонската дипломатија Никола Попоски. Министрите на Австрија, Себастијан Курц, Унгарија, Петер Сијарто и Словенија, Карл Ерјавец се сретнаат со македонскиот колега. На средбата присуствуваше и комесарот за проширување Јоханес Хан а тема беа вчерашните избори.
Првата изјава стаса до Курц, австрискиот министер кој му даде поддршка на ВМРО-ДПМНЕ со присуство на изборен митинг:
– Многу сум среќен дека по еден многу тежок временски период, Македонија можеше да организира фер избори. Сега мислам дека е потребно да се направи обид да се формира стабилна Влада што е можно поскоро, изјавил Курц за МИА.
Унгарецот Сијарто честиташе за фер и слободни избори:
– Мислам дека никој не треба да се сомнева во тоа. Ако се земат в предвид критиките од ЕУ и западните партнери против Македонија, во контекст на избориот процес, за што бевме сведоци изминативе месеци и години, сега се испорачани фер и демократски избори, нема жалби. Ние се надеваме дека ќе биде формирано стабилно мнозинство, стабилна Влада која ќе го продолжи евроинтеграцискиот пат, вели Сијарто.
Задоволен е и Попоски:
– Денешната средба со министрите за надворешни работи на ЕУ е во функција на повторно враќање на европската агенда во Република Македонија. Во тој правец, мислам дека вчерашното успешно организирање на фер и демократски избори е веројатно и најкрупната придобивка, бидејќи тоа претставуваше и еден од предусловите за завршување на политичката криза, рече Попоски за МИА.