СДСМ ќе поднесе 4 тужби до Управниот суд до крајот на денот што се однесуваат на гласањето во избирачки места во изборната единица 6. Управниот суд е должен да ги земе предвид сите основани аргументи во тужбите, изјави денеска на прес конференција Петре Шилегов, носител на листа во изборна единица 6.
„ДИК не одговори на сериозната задача за целосна заштита на изборниот процес во делот на одлучувањето по приговорите. Институциите мора да работат во служба на граѓаните! Режимот е скршен. Завршено е со Груевски во политиката. ВМРО ДПМНЕ е во опозиција. Граѓаните се свесни за својата победа и не подлегнуваат на провокациите на очајниците во заминување“, рече Шилегов.
Одговарајќи на новинарски прашања, Шилегов рече дека очекуваат Управниот суд да не подлегне на притисоци и да го отфрли времето како партиска испостава на ВМРО-ДПМНЕ, особено затоа што дел од судиите се под истрага на СЈО.
Според Шилегов, исходот на тужбите, бројот на пратениците или на мандатите немаат политичка врска со тоа кој ќе ја составува владата.
„Порачуваме на ВМРО ДПМНЕ да си расчистат со криминалното раководство и периодот којшто ќе бидат во опозиција да го искористат да ги заздрават редовите во нивните партии за да расчистат со криминалното нивно раководство, бидејќи на Република Македонија и е потребна здрава полтичка сила“, рече Шилегов.